1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобри лични, отколку меѓудржавни односи

7 април 2008

Путин и Буш ја завршија последната средба во функција на претседатели на Русија и на САД. Во Сочи не беа надминати недоразбирањата околу американскиот антиракетен штит, со делови и во Полска и Чешка

https://p.dw.com/p/DdCV
Џорџ Буш и Владимир Путин во СочиФотографија: AP

Буш и Путин досега се состанаа повеќе од 20 пати. Средбата во Сочи беше последна, оти Владимир Путин по 4 недели ќе биде заменет од неговиот наследник Дмитриј Медведев, кој исто така учествуваше на разговорите во Сочи. „Бев импресиониран и и’ се радувам на соработката со него“ - рече Буш за идниот руски претседател.

Личните односи на Буш и Путин се подобри отколку политичките на нивните држави. Буш го означи Путин како силен лидер кого го респектира оти отворено вели што мисли. „Напорно работевме во изминатите години за да изнајдеме области во кои можеме да соработуваме и патишта да се усогласиме кога имавме разлики. Мислам дека тука направивме добра работа. Сакам да ви заблагодарам за вашата отвореност. Нашите односи беа забележителни“, оцени Буш обраќајќи му се на Путин.


Разликите остануваат, атмосферата подобрена


На средбата во Сочи не беа надминати несогласувањата околу американскиот антиракетен систем. „Остануваме на нашата позиција, тоа не се промени, Но, има некои позитивни сигнали. Американската страна ја слушна нашата загриженост, прво во рамките на преговорите два плус два, а потоа и денес овде. Гледаме дека претседателот на САД многу сериозно сака да го реши проблемот. Ние го поздравуваме таквото расположение“, рече Путин во Сочи.

Двајцата претседатели потпишаа стратегиски рамковен договор во кој се содржани најважните теми за иднината на руско-американските односи. „Потшишувањето на рамковната стратегиска декларација ја покажува широчината и длабочината на нашата соработка, но исто така и разликите во мислењата. Но, декларацијата сведочи дека и покрај нив, ние можеме да соработуваме“, оцени Џорџ Буш.


Неопходен нов договор за нуклеарно разоружување


Обете страни се согласни дека треба да биде постигнат нов договор за разоружување кај нуклеарното оружје. Важноста на досегашниот Старт-договор истекува наредната година. Не се премостени разликите во врска со евентуалното членство на Украина и Грузија во НАТО. Кај тоа прашање Путин однесе победа на самитот на НАТО во Букурешт, оти приемот на тие две земји во Акционата програма, меѓустепен кон членство, е одложен на неодредено време.




►◄