1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивниот раст е добар, но недоволен

Костадин Делимитов15 мај 2013

Без висока стапка на раст од најмалку 5% на БДП на годишно ниво Македонија не може да се надева на одржлив економски развој и подобар животен стандард на граѓаните. Но како тоа да се постигне?

https://p.dw.com/p/18XBz
Фотографија: Fotolia/yuryimaging

Македонската економија годинава ќе порасне за 1,5%, или повеќе од просекот во Европската унија и еврозоната. Оваа прогноза на Европската комисија предизвикува задоволство и позитивни реакции во Македонија, пред се кај Владата, која ваквите извештаи ги толкува како признание на нејзините економски политики. Во услови на криза, тоа е добра прогноза, иако е за половина процент пониска од владината од два отсто. Но од друга страна се поставува прашањето дали ваквата или ваквите стапки на раст, се доволни во блиска иднина реално да се очекува позначаен економски развој, што би донел повеќе работни места, повисоки плати, поголемо производство и извоз? Ако се прашуваат експертите, речиси сите велат дека тоа е тешко или речиси невозможно без најмалку 4 до 5% годишен раст и тоа во континуитет! За тоа да се оствари, според универзитетскиот професор Никола Поповски потребна е промена на досегашниот модел на економска политика на Владата кој е насочен главно потрошувачки:

„Тој не само што не даде резултати во изминативе години, туку не може да даде резултат и во иднина затоа што без штедење ќе треба да се враќаат кредитите и ќе се намалат можностите за идно инвестирање. Значи Владата мора да почне да се однесува штедливо, да го намали дефицитот во јавните финансии и да го сведе на долг рок на подносливи 1 до 1,5% од БДП, а од друга страна расходите на државата да ги насочи не кон политичко купување на гласовите, или кон сопствена популарност или социјален мир помеѓу гласачите, туку кон економски ефекти. Тоа значи од инвестиции во улици, плоштади, фасади, повеќе да се насочи кон економски намени кои ќе го поттикнуваат стопанството“, смета Поповски.

Nikola Popovski
Никола ПоповскиФотографија: DW

Поголемо внимание на домашните инвестиции

Значаен фактор за остварување на повисок економски раст се и инвестициите. Владата е фокусирана кон привлекување на странските инвеститори, но потребно е да се посвети поголемо внимание на домашните, предупредува професорот Зоран Ивановски:

„Нереално е да очекуваме пораст на странските, кога домашните инвеститори апстинираат. Не е проблемот само во кризата, туку и во амбиентот создаден од Владата, каде се чувствува клима на “недоверба“ кон можностите и капацитетите на бизнис секторот, па државата во такви услови влегува во повеќе сектори, со што создава делумно и клима на несигурност кај приватниот сектор, кој секако не сака директна конкуренција од страна на државата. Преголемото инволвирање на државата во економскиот амбиент носи “дивиденди“ во форма на повлекување и намалување на приватните инвестиции. Од друга страна, кризата влијаеше и делот од планираните странски инвестиции да се одложат за подобри времиња, со што се дава и одговор за причините за релативно нискиот раст на националната економија“, смета Ивановски.

Годинава според него е реално да се очекува раст до 1,5%. Извесно подобрување тој очекува догодина со раст од 2,5 до 3%, со потенцијал посакуваната стапка од 5 и повеќе проценти да биде реално остварлива дури во 2015. Дополнителен притисок создава и проблемот со високата неликвидност што ги потиснува во втор план плановите за инвестиции:

„Генерално оптимизмот на Владата треба да се преслика и на бизнис заедницата, што може да се толкува како причина за често пооптимистичките прогнози за раст на економијата. Сентиментот е важна категорија на бихејвиористичките финансии и фактор кој често посилно влијае дури и од реалните економски категории. Препораките за иднина се познати. Буџетот да се користи за инвестиции, со тенденција од досегашните 14% да расте до потребните 20% од вкупните јавни расходи, а задолжувањето да се фиксира на максимум 40%, како плафон за потенцијално ниво на јавен долг на државата. Останатото ќе го заврши самиот пазар“, советува Ивановски.

Stavreski Pesevki und Cugunov Gazprom
Вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски со претставникот на Газпром ЧугуновФотографија: MIA

Продуктивно инвестирање

Во услови на минимална активност на домашните и странски инвеститори Поповски смета дека Владата треба да се пренасочи кон продуктивно инвестирање и поголемо штедење. За такво нешто вели дека не гледа волја:

„Тој модел Владата не го поддржува затоа што е политички поризичен, не носи брзи резултати, тие доаѓаат по неколку години и можат да се изгубат избори, да се намали популарноста, затоа што кога штедите и не трошите популарноста ќе ви падне иако штедењето е моментално лошо решение, но на долг рок тоа е добро бидејќи парите ќе ви се вратат оплодени. Не очекувам дека оваа владина политика ќе се смени и во тие услови ќе се радуваме како мали деца ако од Европа ни кажат дека можеме да оствариме стапка на раст од 1,5% годишно што е никаква стапка. Нам ни е потребен раст од 4 или 5% и таа да се задржи неколку години за да може да се намали и невработеноста, да се намали сиромаштијата, да се поттикне стандардот и да создаваат нови инвестиции кои понатаму ќе се реализираат со повисоки стапки на раст. Тоа е единствениот излез но очигледно дека за тоа во Македонија нема сили“, смета Поповски.

Највисоки стапки на економски раст Македонија оствари во 2007 и 2008 година од 6,1% односно 5%. По минусот од 0,9% во 2009 главно како последица на кризата, следуваше благо опоравување во 2010 и 2011. Во 2012 економијата заврши во минус од 0,3%.