1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни сигнали од Грција

Јанис Пападимитриу / Александар Методијев28 јануари 2013

Грција дава мала надеж во борбата против должничката криза. Експертите предупредуваат дека трендот на промена не е на повидок. 2013-та година може да биде посебно критична година за примена на договорените реформи.

https://p.dw.com/p/17SmN
Фотографија: DW/A. Binder

Минатото лето, и покрај долгогодишната рецесија, Грција можеше да регистрира мал раст во производството. Неодамна Асоцијацијата на грчки извезувачи (ПСЕ) информираше за рекордно ниво на пораст на извозот. Во 2012-та година фирмите од Грција за првпат извезле добра во вредност од над 24 милијарди евра. Тоа е еднакво на 12 проценти од грчкиот БДП.

Во меѓувреме претприемачите гледаат со верба во иднината. Атинскиот економски институт ИОБЕ утврди дека индексот на бизнис климата неочекувано се искачи во декември 2012-та година на највисоко ниво во последниве две години.

Главниот аналитичар во ИОБЕ, Ангелос Цаканикас, на ова гледа како на добар знак.

„Најголемото ниво во последните две години значи дека 20 проценти од анкетираните претприемачи веруваат во подобрување на состојбата. Оптимизмот е нешто друго, но сепак пред две години тој беше помал од десет проценти“, вели Цанакикас. Денес е клучно тоа што се чини дека е отстранета опасноста за излез од еврозоната.

Подобар изглед од рејтинг агенциите

Рејтинг агенцијата Стандард и Пурс е уверена дека Грција останува во еврозоната и поради таа причина минатиот декември кредитниот рејтинг на земјата го искачи за шест степени на „Б минус“, со стабилни изгледи за иднината. Сега многу граѓани имаат претпазлив оптимизам и почнуваат да ги враќаат парите, барем еден дел од нив, во грчките банки. Само во декември 2012-та година штедните влогови во банките пораснаа на четири милијарди евра.

Krisengraffitis Griechenland
Графит во Атина на кој пишува: „Дајте пари за храна, а не за полициска држава“Фотографија: DW/V.Kern

Не само поради ова главниот економски аналитичар од институтот ИОБЕ верува дека 2013-та година ќе биде одлучувачка за Грција.

„Минатата буџетска година мина подобро од очекуваното и сметаме дека во 2013-та година Грција за првпат ќе постигне буџетски суфицит, без притоа да се смета сервисирањето на долговите. Тоа би бил пресвртен момент“, нагласува Ангелос Цаканикас.

За да се постигне тоа мора во следните месеци без проблеми да се спроведе договореното, а тоа не е едноставно. Во првото полугодие од 2013-та година треба да станат целосно ефективни мерките за штедење договорени во пролетта 2012-та година, а тоа значи од кратење на платите и пензиите до масивни покачувања на даноците. Тоа е отров за домашната потрошувачка, која денес сочинува три четвртини од грчкиот БДП, нагласува атинскиот економист.

Драматични последици за граѓаните

Макис Андронопулос, економски аналитичар и публицист, е сигурен – ако чашата се гледа половина полна, тогаш економските податоци од последниве недели се доволен доказ за позитивните придвижувања. Тоа е само позитивната страна на медалот, бидејќи консолидацијата на буџетот и подобрувањето на конкурентноста на грчката економија се остварува на сметка на оние со просечни примања и на социјално слабите граѓани. Затоа, губењето на социјалната кохезија е дури и поголем ризик од тоа да не се исполнат некои цели во штедењето, смета овој атински економист.

„Во минатата година платите паднаа за 11 проценти, а социјалните давачки за над 10 проценти, но во исто време даночното оптоварување порасна за речиси 18 проценти“, вели Андронопулос.

Тој смета дека доколку се зачува социјалната структура, тогаш и мерките за штедење навистина би можеле да успеат.

Лани европските министри за финансии на Атина и одобрија помош во висина од 34 милијарди евра, а голем дел од неа ќе оди за рекапитализација на банките. Затоа левичарската опозиција критикува дека луѓето мораат да крварат за банките да бидат спасени.