1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Познат германски новинар со години фалсификувал приказни

21 декември 2018

Магазинот Шпигел самиот истражуваше и откри дека еден од неговите водечки новинари со години пишувал лажни извештаи, измислувал цитати и репортажи. Скандалот може да зафати и други медиуми во кои работел Клас Релотиус.

https://p.dw.com/p/3AQ5t
Spiegel-Reporter Claas Relotius
Фотографија: picture alliance/Eventpress

Германскиот магазин Шпигел вчера призна дека еден од неговите водечки новинари со години фалсификувал приказни „во голема мерка“.
Пред помалку од три недели, Клас Релотиус, 33-годишен новинар на Шпигел ја доби Германската новинарска награда 2018 година во категоријата „најдобра репортажа“, за приказна за едно сириско момче.
Откако беше откриена измамата, како резултат на темелна истрага, новинарот призна дека лажел и минатата недела си поднесе оставка.
Според Шпигел, измамите на Релотиус биле откриени откако тој работел на приказна од границата меѓу САД и Мексико, со друг новинар по име Хуан Морено- кој ја воочил и пријавил лагата.
Според Релотиус, „не се работело за нова голема приказна, туку за страв од неуспех“ кој го натерал да измислува изјави и да ја манипулира содржината на своите текстови. Тој вели дека притисокот постојано растел откако почнал да добива награди.

Признанието на Шпигел

Фактот дека Релотиус „користел лажни цитати со измислени лични податоци“ и „измислувал сцени на непостоечки места“ не било откриено со години, отвора „прашања за внатрешната организација кои мораат веднаш да бидат одговорени“, соопшти онлајн изданието на магазинот Шпигел. 

Оттаму велат дека скандалот е „најниската точка во 70-годишната историја“ на магазинот.

Можно е и други медиуми да бидат зафатени од скандалот бидејќи новинарот работел на повеќе приказни како слободен соработник со разни германски и меѓународни публикации.

Дел од последните текстови на Релотиус беа на теми од САД, меѓу нив и за наводни злоупотреби во училишните реформи во Флорида, егзекуција во Тексас, граничната милиција во Аризона и едно мало градче во Минесота. Во 2014 година тој ја доби наградата на СиЕнЕн за новинар на годината за еден текст за состојбата во американските затвори. Засега е нејасно дали овие текстови биле манипулирани.

Шпигел е германски неделник со седиште во Хамбург со тираж од околу 840 илјади изданија. Се смета за еден од водечките германски политички публикации.