1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покраинскиот политички земјотрес стигна до Берлин?

15 март 2012

Во три сојузни покраини ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Причината е соодносот на политичките сили во повеќепартискиот систем. Како и дали тие би можеле да влијаат и врз политиката на сојузно ниво?

https://p.dw.com/p/14KwN

Сега и Северна Рајна Вестфалија. Освен Заарланд и Шлезвиг-Холштајн и граѓаните на најгусто населената германска покраина сега мора да бираат нов парламент. Ситуацијата во сите три покраини е сосема поинаква, но една карактеристика им е заедничка: особено тесен и комплициран сооднос на политичките сили во повеќепартискиот систем. Со доаѓањето прво на Партијата на Зелените, а потоа и на Партијата на Левицата започна ерозијата на големите народни партии ЦДУ, ЦСУ и СПД, а со Партијата на Пиратите во иднина најверојатно ќе биде уште покомплицирано.

Развојот особено ги погоди социјалдемократите. Прво изгубија гласачко тело од образованиот граѓански слој, кои преминаа кај Зелените, а потоа нивните приврзаници со пониски примања преминаа во Партијата на Левицата. За СПД особено е тешко во западните сојузни покраини, каде Партијата на Левицата се состои од поранешни социјалдемократи и голем број членови на ВАСГ (Изборна алтернатива работа и социјална праведност). Делумно поради самопочит, но делумно и поради неспоиви политички позиции социјалдемократите досега тука одбегнуваа коалиција со Левицата. На Истокот, каде Партијата на Левицата во голем дел ја сочинува реформираната некогашна државна партија СЕД, нема вакви неспоиви разлики.

Климаво мнозинство се заканува и на сојузно ниво

Во Северна Рајна Вестфалија, СПД и Партијата на Зелените пред две години тесно не успеаја да освојат мнозинство. Бидејќи социјалдемократите не сакаа да бидат партнер на ЦДУ, кој имаше тесна предност, ниту да коалицираат со Левицата се обидоа со малцинска влада заедно со Партијата на Зелените. Долго време тоа течеше добро, но сега при гласањето за покраинскиот буџет дојде крајот. Партијата на Левицата рече не, бидејќи црвено- зелените сакаа да штедат премногу. Либералите и демохристијаните го одбија буџетот, оти сакаа повеќе да штедат.

Deutsche Welle Peter Stützle
Петер ШтицлеФотографија: DW

Сега во сите три покраини Заарланд, Шлезвиг-Холштајн и во Северна Рајна Вестфалија ќе се оддржат нови избори. Во најлош случај после овие избори ќе произлезат исто толку климави мнозинства. Врз сојузната политика засега речиси нема влијание, на ова ниво на власт се демохристијаните и либералите. На претпоследните сојузни парламентарни избор меѓутоа имавме констелација, во која немаше мнозинство за ниту една од традиционалните коалиции, црно -жолта (ЦДУ/ ЦСУ и ФДП) или црвено -зелена (СПД и Партијата на Зелените), поради Партијата на Левицата. Беше формирана голема коалиција, период по кој зајакнаа помалите партии Партијата на Зелените и Партијата на Левицата од една страна и либералите на друга страна. Заслабнати беа пред се’ социјалдемократите.

Кратко по последните избори, според анкетите повторно немаше мнозинство ниту за црно-жолтите, ниту за црвено-зелено мнозинство. За социјалдемократите повторно останува неблагодарната улога во голема коалиција под водство на Ангела Меркел. Или да замижат пред сите задршки и да ја вклучат и Партијата на Левицата. Две опции со не многу привлечни изгледи.

Автор: Петер Штицле

Превод: Александра Трајковска 

Редактор: Симе Недевски