1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката ги злоупотребува младите и ги загрозува меѓуетничките односи

Владимир Калински9 март 2013

Младите во Македонија се жртви на политичарите и политичките партии во нивната борба за гласови и градење на повисок рејтинг, велат експертите. Ваквите случувања добиваат на интензитет во предизборниот период.

https://p.dw.com/p/17u6d
Фотографија: Petr Stojanovski

По интервенцијата на меѓународниот фактор минатата недела формално беше решена политичката криза во Македонија преку договорот помеѓу двете најголеми политички партии во македонскиот блок. Опозицијата се согласи да учествува на локалните избори, но во истиот момент во преден план се појави стариот проблем – меѓуетничките односи. Според експертската јавност тоа е најчувствителната сфера во македонското општество.  

Манипулација со младите

Состојбата на меѓуетнички план во последниве неколку години се вжештува најчесто преку собири или протести на етничка основа, проследени со насилства и инциденти, во кои учетвуваат млади, голем број од нив тинејџери. Насилствата потоа се прелеваат во училиштата и автобусите каде страдаат невини млади луѓе. За ваквите настани експертите велат дека најмногу се одговорни политичарите и политичките партии кои ги манипулираат младите да учествуваат во насилни собири или протести. Тие потсетуваат на случките од последните две години: настаните на скопското Кале; протестите и контра протестите поради спроведувањето на акцијата „Монструм“... 

Mazedonien gewaltsamer Protest albanische Minderheit Polizei
Фотографија: Petr Stojanovski

Слично беше и минатиот викенд , кога група млади од македонска националност протестираа поради поставувањето на Талат Џафери за министер за одбрана. Демонстрантите се судрија со полицијата, а потоа беа нападнати неколку деца Албанци. Со протест следниот ден одговорија група млади од албанска националност. Ситуацијата излезе од контрола. Беа искршени автомобили и дуќани, беше запален автобус на ЈСП, а следните денови полицискиот билтен беше полн со пријави од повредени млади лица кои настрадале во автобус или на училиште.

„Политичките партии треба да престанат со меѓусебните обвинувања и секако да се воздржат од манипулирање или стимулирање на младите да учествуваат во насилни собири или протести. Воедно треба да излезат заедно и да ги осудат овие немили настани. Говорот на омраза по било која основа како алатка за мобилизирање во групите мора да престане, затоа што предизвикува негативни последици врз развојот на демократско и мултикултурно општество во Република Македонија“, вели Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет.

Директорот на Првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац, вели дека подолг период, во континуитет, децата и младите се искористуваат во интерес на одредени политички партии, за партиски собири или протести каде што интезитетот на насилствата ескалира и каде се доведува во прашање безбедноста и животот на децата. Тој апелира на родителска контрола за политичкиот ангажман на младите и нивна заштита од секаков тип на ширење на етничка, верска, национална, расна и други типови на омраза:

„Младите не знаат за што протестираат и за чии интереси си го доведуваат животот во опасност. Можеби сметаат дека знаат, но не се убедени во начинот на протестот. Лесно се манипулира со нив да одат на протести, особено преку социјалните мрежи. Така се создава брза критична маса по основ на омраза, национализам и шовинизам. Тоа ги труе младите, а при тоа би рекол политичките партии си гледаат сеир и само водат сметка за своите позиции и интереси, без при тоа да сносат одговорност на немирите кои настанале.“

Прашање на кое треба многу да се работи

Професорот Осман Кадриу предава во областа на граѓанското и облигационото право. Во разговор за Дојче веле коментира дека ваквите протести се рефлектираат во секоја сфера од животот: на улиците, во училиштата, факултетите и на спортските натпревари, што не е добро:

Kontraproteste in Skopje
Фотографија: MAKFAX

„На ова прашање треба многу да се работи, но најмалку работат оние што се одговорни, а тоа се политичките партии. Сметам дека овие протести не беа спонтано организирани и зад нив стои некој механизам и затоа одговорноста е уште поголема. Меѓуетничките односи се најчувствителната сфера и затоа треба да се елиминираат сите појави кои водат кон нарушување на ваквите односи.“ 

Нема доволно родителска контрола

Вчера (08.03) група од стотина млади Албанци, во голем дел малолетни, организирани преку социјалните мрежи, повторно протестираа, како што велат против напади врз Албанци кои случуваа минатата недела. Групата, од Џамијата Јаја Паша се упати кон Владата, но беше спречена од полицијата кај стоковната куќа „Мост“. Групата фрлаше камења кон полицијата. МВР најави дека насилствата ќе бидат најостро сакционирани. Тие информираат дека против 50-тина лица, учесници во минатонеделните инциденти се поднесени кривични пријави за основани сомненија за кривични дела. Во меѓувреме во полицискиот билтен стојат нови напади и насилства во училиштата и автобусите. На социјалните мрежи се најавуваат протести и за следните денови.     

Експертот за безбедност, Благоја Марковски, бара политичките субјекти да им дадат потполна поддршка на органите на внатрешниот ред. Според него безбедносната ситуација во моментов не е значајно нарушена, но ваквите инциденти создаваат атмосфера на страв кај граѓаните што може да се пренесе и на изборниот процес.