1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката спрема Ирак пресудна за исходот на изборите во САД?

Даниел Шешкевиц25 октомври 2006

По две недели избори за Конгресот. Можно е мнозинство на Демократите во обата дома на парламентот за прв пат по 12 години

https://p.dw.com/p/AdwE
Секојдневна слика во Ирак
Секојдневна слика во ИракФотографија: AP

Во прашањето за војна и мир американскиот претседател го има решавачкиот збор. Конгресот, пак, преку овластувањето да ги одобрува финансиските планови сепак има важно средство за влијание и притисок. Кандидатите на Демократската партија во многу изборни единици сега се закануваат дека ќе ја подзатворат славината за војната што чини милијарди. На пример Брус Бредли од сојузната држава Ајова, кој вели: “И Републиканците за време на демократскиот претседател Клинтон исто така ги потскратија средствата за ангажманот на Косово. Тоа го прави Конгресот, кој ги има парите в раце, кога гледа дека еден претседател ја игнорира волјата на американското население”.

А кај населението се’ поважана улога при решавањето за кого да гласа игра војната во Ирак. Во моментов само 23 проценти од граѓаните веруваат дека политиката на претседателот во однос на Ирак е правилна. Тој реагира со коректури, но не од суштинска природа. Така, неделава во Белата куќа решија да се откажат од официјалната парола “Опстојуваме врз курсот во Ирак”. Тони Сноу, портпарол на претседателот Буш објасни зошто: “Паролата им овозможуваше на нашите критичари да кажат: погледајте, владата ја спроведува својата политика, се’ едно како изгледа реалноста. Точно е токму спротивното”.

Па сепак, според анкетата на весникот “Вашингтон пост”, овој пат секој втор од досега неопределените избирачи има намера да гласа за Демократите. Тоа би можело да пресуди за пораз на Републиканците. Но, што би направиле Демократите поинаку во Ирак? Претседателот на партијата Хауард Дин вели: “Има еден план што е поддржуван од многумина, иако не од сите Демократи. Тој гласи: нова стратегиска ориентација. Ние во разумен временски период би ги повлекле нашите трупи од Ирак, но би ги оставиле во регионот – не во Ирак, за да можат да реагираат на некоја терористичка закана. Ние сметаме дека е тоа разумен план”.

Иако 75 проценти од сите американски демократски пратеници во меѓувреме сметаат дека САД не требаше да вмаршираат во Ирак, во партијата само едно мало малцинство е за неодложно повлекување на трупите. “Меѓу нас практично нема сенатор кој би бил за неодложно повлекување на трупите. Тоа би било грешка. Со промашената политика во Ирак претседателот Буш создаде клима на терор. Ние сега не можеме едноставно да се повлечеме, во таков ризик не можеме да влеземе” – вели Хауард Дин.

Републиканските кандидати за Конгресот се обидуваат барем да ги ограничат штетите што настанаа со политиката на Буш во Ирак, со тоа што или воопшто не зборуват за таа тема го вртат погледот напред и велат дека вака веќе не може понатаму, како сенаторот за Пенсилванија Арлин Спектор: “Не верувам дека промената на стратегијата во Ирак може да чека до по изборите. Едноставно, во моментов таму има премногу жртви”.

Експерти сепак веруваат дека до промена на курсот на владата на Буш ќе дојде дури по изборите. “Во моментов тие се обидуваат да се спасат до по изборите. Но, потоа ќе мораат да донесат неколку многу тешки и болни решенија за идната стратегија” – вели Дејвид Герген, професор по политика на универзитетот во Харвард.