300310 Netanjahu jahrestag
31 март 2010Бенјамин Нетанјаху веќе го биеше глас на тврдолинијаш кога пред една година, по вторпат во историјата, застана на чело на израелската влада. Во првиот мандат од 1996 до 1999 година тој се покажа како тврд и непопустлив кон Палестинците. Овојпат, згора на тоа, склучи владин сојуз со националистот Авигдор Либерман, кој во новиот кабинет ја доби функцијата на министер за надворешни работи.
Во првото обраќање до јавноста по изборот за нов премиер, Нетанјаху се обиде да и’ се спротистави на раширената меѓународна скепса кон новата влада преку подвлекувањето дека е подготвен за преговори со Палестинците. Притоа мора да се каже и дека веднаш јасно стави на знаење оти не му се брза многу со постигнувањето конечна спогодба со Палестинците.
„Ќе водиме преговори со палестинската автономна власт со цел постигнување конечно решение. Не сакаме да владееме над Палестинците...“, порача новиот премиер и исто така нагласи дека сите обиди да се скуси патот до спогодба досега завршувале со крвопролевање и уште повеќе тероризам.
Преговори нема ни на повидок
Но, една година по ваквите изјави нема ни трага, ни глас од преговори во позитивна атмосфера. Нема дури ни можност за индиректни преговори, бидејќи претседателот на Палестинците Махмуд Абас одбива да преговара додека не биде запрено градењето нови еврејски населби на палестинските автономни подрачја, вклучувајќи го и источен Ерусалим. Притоа аналитичарите забележуваат видно поместување во позициите на Нетанјаху. Во јуни минатата година за првпат се изјасни за создавање палестинска држава, иако сериозно ја огранични нејзината сувереност. Минатиот септември дури прогласи привремен мораториум на градење еврејски населби на Западниот брег на реката Јордан. Но, од него го исклучи источен Ерусалим, кој е анектиран од 1980 година и кого Палестинците го сакаат за главен град на нивната идна држава.
„Нашата политика што се однесува до Ерусалим е иста како и политиката на сите претходни израелски влади. Кога градиме во Ерусалим, за нас тоа не претставува никаква разлика во однос на градењето во Тел Авив!“
Нарушени односи
Поради таквиот непопустлив став односите меѓу Израел и САД се во сериозна криза. А на палестинска страна расте опасноста од засилување на радикалните сили, кои се против преговори со Израел. На границата со Појасот Газа неодамна дојде до тешки судири и експертите не исклучуваат можна нова ескалација на насилството.
Автор: Рајнер Золих/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска