1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичкиот противник да се „стори пепел“

Фолкер Вагенер 25 февруари 2009

Карневалот во Германија денеска (25.02.2009) завршува. Овој ден е наречен среда-пепелница и тој го означува и почетокот на постот пред Велигден. Тоа е и ден кога политичките противници се напаѓаат со најостри зборови.

https://p.dw.com/p/H0kq
Ударите со тупаница по говорницата на среда-пепелница се вообичаениФотографија: AP

На овој ден, пресметката со политичките противници се води „без ракавици“, отворено и остро. Политичката среда-пепелница со години е еден од најголемите медиумски настани во Германија.

Потекло на политичкиот ритуал

Кога карневалот на среда-пепелница ритуално се закопува, како за инает во дел од халите и големите шатори атмосферата уште еднаш се загрева наголемо. Политичката среда-пепелница е последниот емоционален врв пред почетокот на 40-дневниот пост. Така е барем за учесниците на “војните со зборови“ во Пасау, Филсхофен и Зонтхофен, кои привлекуваат многу внимание на јавноста, зашто, пред се‘ во покраината Баварија, традицијата на остри вербални напади на адреса на политичкиот противник и натаму е многу актуелна.

Политичката среда-пепелница стана вистински популарна во времето на Франц Јозеф Штраус, на средината на 50-тите години на минатиот век. Тогашниот лидер на Христијанско-социјалната унија до денес важи за татко на острите говори. Проследен со извици на одобрување на неговите приврзаници, тој година за година, се‘ до неговата смрт во 1988 година, ги критикуваше, и делумно свесно и ги навредуваше, пред се‘ политичарите социјалдемократи.

За целта и смислата на среда-пепелница

Aschermittwoch
На овој ден завршува карневалот и почнува четириесетдневниот постФотографија: PA/dpa

Тој еднаш го нарече Егон Бар, архитектот на Источните договори во времето на канцеларот Вили Брант „дилетантски дипломат аматер“, а поранешниот канцелар Хелмут Шмит го означи како безбедносен ризик од прв степен и својот говор го круниса со зборовите „Се нарекуваат социјалдемократи, а всушност се комунисти“. Се одеше буквално со удари „под појас“. Еден пратеник на ЦСУ, под влијание на студентските немири во 1968 година рече дека СПД во 1969 година дошла на власт само затоа што, цитат, „ние премногу доцна го кастриравме црвениот вол“.

Политичката среда-пепелница, која потекнува од традицијата на големите сточни пазари, е родена на 5 март 1919 година, кога баварскиот сојуз на селани упатил покани за првото „Големо народно собрание“. Во кафеаните се дискутирало возбудено, а кој најостро ќе го нападнел оној што мисли поинаку добивал најмногу аплауз.

Среда-пепелница долго време беше домен на баварската ЦСУ, а социјалдемократите се приклучија со свои собири во средината на 60-тите. Во меѓувреме, тоа е ритуал секоја година и на Сојузот 90/Зелени. На собирите на среда- пепелница има огромен број новинари, зашто тие одамна се медиумски настан. Иако, како што тоа еднаш го констатираше еден од набљудувачите, притоа станува збор само за “инпут на пиво и аутпут на пот“.