1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичкиот театар не им носи ништо на граѓаните

Свето Тоевски28 август 2012

По положувањето цвеќе на споменикот на ОНА во Слупчане во име на АРМ, но, и со расправата за законот за бранителите во Парламентот на 10 септември, земјата можеби навлегува во владина и политичка криза.

https://p.dw.com/p/15xlP
Фотографија: MIA

Дојче веле праша дел од политичките експерти и аналитичари: што се случува во владејачката коалиција?

Независниот политички аналитичар Ибрахим Мехмети од Скопје смета: „Се работи за одраз на различните сфаќања, кои што постојат меѓу владините коалициони партии во врска со меѓуетничките односи. Овој судир го одразува повеќе тоа, отколку што се работи за некаква однапред договорена игра, за да се постигне одредена политичка цел.“

Лошо сценарио

Назми Малиќи, професор по политички науки од ФОН универзитетот во Скопје, додава: „И покрај толку коалицирање, толку заеднички дијалог, заеднички средби и програми во заедничката коалиција, сепак, ДУИ и ВМРО ДПМНЕ не успеаја да изградат континуитет на една политичка комуникација на коегзистирање. Политичкиот театар и лошото сценарио не им носи добивка на граѓаните, ниту е од корист за политичките партии. ДУИ и ВМРО ДПМНЕ се уште имаат време сериозноста на политичкото дејствување да ја покажат и пред опозицијата и пред граѓаните, затоа што не треба да се прават проекти, кои остануваат на половина, нереализирани“.

Политичкиот аналитичар Јове Кекеновски од Државниот универзитет во Битола вака ги коментира искричењата меѓу партиите на Груевски и Ахмети: „Обидот на мала врата да се соберат поени кај своите сопартијци – пред се’, тоа го направи прво ДУИ, а натаму тоа го стори и ВМРО ДПМНЕ со поднесувањето на законот за бранителите – предизвика нарушување на односите во коалицијата“.

Во меѓувреме, македонските граѓани сардисани од секојдневните бранови на поскапувања на енергенсите и животните артикли, наместо да мислат само како да се справат со тоа, сега се прашуваат и дали ќе падне Владата и ќе има ли нови, предвремени парламентарни избори.

DUI-Parteiführung
Раководството на ДУИФотографија: DW/S. Toevski

Еве што велат дел од граѓаните на Тетово за ДВ во врска со случувањата меѓу владините партнери:

– „Ништо друго: се договараат меѓу себе за нови избори. Додека да седнат до фотелјите.“;

– „Картите еднаш веќе треба да се отворат на виделина. Крајот да дојде: ова не функционира повеќе вака.“;

– „Тоа е направено така, за да дојде до избори.“;

– „Сто и еден отсто, договорено е се.“;

– „Не ми се верува дека сево ова е заради нови избори, туку тоа е една фарса со цел да им се замачкаат очите на луѓето. Да им се оттргне вниманието од скапотијата на храната, струјата и горивото.“;

– „Тоа е само еден филм. Замајување на народот. Но, тој се освести веќе, се му дојде преку глава.“;

– „Сите овдешни партии мислат само на тоа: укради колку сакаш, утре ќе одиме во Европа, а кој си го наполнил џепот – си го наполнил ...“

„Сега ќе се вадат од кашата што сами си ја направија“

Што ќе се случува во наредните денови?

Професорот Кекеновски вели: „Ако помине законот за бранители, тогаш ќе се растури владината коалиција. Но, во овој момент тоа не им одговара на коалиционите партнери во власта. Особено со најновиот чин за пролонгирање на парламентарната седница до 10 – ти септември наоѓаат време како да се извадат од кашата, која самите си ја направија. Чинам дека ќе дојде до некој компромис меѓу лидерите на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и, едноставно, нема да има ништо: ниту закон за бранители, ниту амандмани, со кои ДУИ ќе се обиде да оствари позиции и права за поранешните припадници на ОНА....“

Околу заканите на Демократската унија за интеграција дека ќе ја напушти владата, ако се донесе споменатиот закон, Мехмети истакнува: „Очигледно е дека и тие се резервирани и не сакаат до крај да ги отворат сите опции, но, не може да се исклучи и тоа дека би ја напуштиле Владата.“

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Тој е убеден дека нема да дојде до меѓуетничка криза во оваа држава.

По вчерашната средба со Олег Шчербатов, рускиот амбасадор во Македонија, Али Ахмети повика „да се следи примерот на помирувањето на Германија и Франција“, нагласувајќи дека „Рамковниот договор е важен документ, што ги гарантира помирувањето меѓу Албанците и Македонците и иднината на земјата.“ Останува да се видат реакциите на Груевски на ова: дали ќе ги има и какви ќе бидат.