1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички поделена Германија - коалиции во боја

Дијана Песлер / Александар Методијев1 октомври 2013

Германските партии често создаваат коалиции држејќи се до еден од двата политички кампуси. Заедничка влада на ЦДУ/ЦСУ и СПД е невообичаена. Доколку не се состави мнозинство и не се избере канцелар, можни се нови избори.

https://p.dw.com/p/19rqo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Утрото откако нејзината партија освои силна поддршка на изборите на 22 септември, Ангела Меркел за момент направила пауза при облекувањето. Таа има различи сакоа, но не секоја боја е добро да се облече во тој момент, бидејќи различни бои се симболи за различни партии во Германија – а, тоа би можело да сугерира и можни коалициони партнери во идната влада.

„Си реков – не можеш да облечеш црвено, а и светло зелено не одговара. Што да правам“, се прашувала германската канцеларка. Таа сакала да ги избегне шпекулациите дека со тоа праќа сигнал за преговори за формирање коалиција со друга партија.

Конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на канцеларката Меркел, заедно со сестринската партија ЦСУ, бара соодветен коалиционен партнер. Едно е сигурно – жолтата боја не е во игра, бидејќи таа е симбол за либералите од ФДП, кои беа коалициски партнер сѐ до последниве избори. Оваа партија не успеа да освои пет проценти од гласовите, кои се потребни за влез во парламентот, па затоа таа нема да биде застапена во новиот состав на Бундестагот.

Kanzlerin Merkel nach der Wahl
Меркел овие денови обрнува посебно внимание на бојата на облеката, за да не испрати погрешни пораки за можни коалицииФотографија: picture-alliance/dpa

За да формира коалициска влада, ЦДУ ќе мора да побара партнер надвор од својот политички кампус. Тоа ЦДУ/ЦСУ го направија во 2005 година, кога влегоа во голема коалиција со социјалдемократите од СПД, чија симболична боја е црвената.

Поделени политички табори

Пред три децении поранешниот претседател на ЦДУ Хајнер Гајслер формулираше израз дека германските политички партии се поделени во два табора. Според него, во едниот табор се конзервативните ЦДУ/ЦСУ и наклонетата кон бизнисмените ФДП, а во другиот се Партијата на зелените и СПД. Според Гајслер, формирањето на парламентарното мнозинство првенствено зависи од поддршката во овие два политички кампуси.

Heiner Geißler 1987
Хајнер Гајслер фотографиран за време на настап во 1987 годинаФотографија: picture alliance/Hermann Wöstmann

Од изнесувањето на неговата теорија до денес, всушност германските влади и беа формирани главно на линија на двата табори. На последните сепетемвриски избори ЦДУ/ЦСУ се надеваа дека коалиционен партнер ќе биде ФДП, а СПД се надеваше на мнозинство заедно со Зелените.

Се очекува флексибилност

Но, избирачите имаа поинаква идеја. Сега опциите се голема коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД или, пак, коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ и Партијата на зелените.

„ЦДУ/ЦСУ има интерес за формирање на коалиција. Така што е јасно дека сега партијата притиска за потенцијалниот коалиционен партнер да се бара надвор од старите начини на размислувања“, вели политикологот Уве Јун за Дојче веле. Тој сепак не гледа знаци според кои овие табори би можеле наскоро да се растурат.

Пратеникот од Зелените Омид Нурипур укажа дека неговата партија во иднина би требала да биде повеќе отворена. Тој смета дека лошиот резултат на изборите е поради сојузништвото со СПД. Според него, многу избирачи процените дека гласовите за Зелените би пропаднале, поради лошиот рејтинг на социјалдемократската партија пред изборите.

Obmann Bündnis 90 / die Grünen Omid Nouripour Euro Hawk Untersuchungsausschuss
Омид Нурипур смета дека Зелените загубиле гласови поради блискоста со СПДФотографија: picture-alliance/dpa

Коалицијата со ЦДУ би го ставила под знак прашалник идентитетот на Партијата на зелените. Нејзините корени се во мировните и еколошки движења. За многу членови и симпатизери на Партијата на зелените коалицијата со ЦДУ би била предавство на идеалите.

Најголем дел од германските експерти очекуваат коалиција меѓу ЦДУ и СПД. Политикологот Вернер Патцелт оценува дека „СПД беше прагматична во минатото“ и има искуство со ЦДУ, додека „Зелените воопшто немаат добро искуство од коалициите со ЦДУ/ЦСУ. Коалицијата од таков вид во Хамбург пропадна“.

Последно решение - нови избори

Thema Große Koalition
Широката коалиција е најверојатното решениеФотографија: dpa

Ако не се договори коалиција, тогаш германскиот Устав дозволува ЦДУ/ЦСУ да раководат како малцинска влада. Но, Меркел тоа веќе го исклучи како опција. Без мнозинство зад неа, Меркел всушност ќе нема простор за маневар, посебно што во Бундесратот, горниот дом на германскиот парламент кој игра значајна улога во законодавните процеси, е доминантен левичарскиот табор составен од СПД и Зелените.

Ако не се создаде мнозинство и не се избере канцелар, тогаш има уште една последна можност – нови избори. Но, не е веројатно дека партиите ќе дозволат тоа да се случи.