1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички потрес од ирското НЕ

Александар Методијев/ап/макфакс26 мај 2012

Мнозинство гласачи планираат да се изјаснат со ДА на референдумот за фискалниот договор на ЕУ, што треба да се случи в четврток во Ирска. Но, ирскиот премиер очекува победа на противниците на договорот.

https://p.dw.com/p/152sI
Фотографија: AP

Анкетата објавена денеска во весникот „Ајриш Тајмс“ покажува дека 39 проценти од Ирците се за европскиот договор за борба против дефицитот, 30 проценти планираат да го отфрлат таквиот договор, додека 31 процент од граѓаните се’ уште не знаат како да гласаат или, пак, воопшто не планираат да гласаат.

Ирскиот премир Енда Кени ги предупреди гласачите кои го поддржуваат договорот да не останат безгрижни, бидејќи тој очекува да се намали разликата меѓу нив и оние кои не го поддржуваат договорот. Кени изјави дека очекува победа на гласачите кои се против договорот, бидејќи во моментов има голем број на неопределени.

Enda Kenny Premierminister Irland
Ирскиот премиер Енда Кени смета дека на референдумот сепак ќе победат противниците на европскиот договорФотографија: REUTERS

Земјата зависна од заеми

Ирска е единствениот потписник на договорот кој бара јавна потврда на ставениот потпис за да го ратификува договорот. Ако Ирска го отфрли на референдумот, тој сепак ќе стане закон со ратификацијата во барем 12 европски парламенти. Но, ирското НЕ ќе направи политички потрес во 27-члениот блок, каде противниците на европските договори често се жалат дека и тие сакаат да имаат право на референдуми.

Ирското НЕ може да ги комплицира и напорите за кратење на долговите и дефицитот. Земјата сега се потпира на заемите од ЕУ и ММФ, кои ќе истечат кон крајот на 2013-та година, кога Ирска ќе мора да се врати на нормалното позајмување на пазарите за обврзници или да бара втор пакет помош.

Јанша со позитивни прогнози за еврозоната

Во моментов целото внимание во еврозоната е сконцентрирано на Грција, а не на Ирска. Словенечкиот премиер Јанез Јанша оцени дека на ЕУ и еврозоната не им се заканува долгорочна криза и покрај ситуацијата во Грција на којашто моментално е фокусирано целото внимание.

Wahlen Slowenien 2011 Ministerpräsident Janez Jansa Slowenien
Словенечкиот премиер Јанез Јанша смета дека на ЕУ не и се заканува долгорочна кризаФотографија: Reuters

„Ситуацијата во Грција е сериозна и бара сериозен пристап, но позитивните сигнали во Европа се поголеми“ изјави Јанша во разговор за Словенечката телевизија.

Тој појаснува дека поголемиот број на европски држави, со исклучок на Грција и уште две држави од Средоземјето, веќе излегле или излегуваат од криза, бидејќи во нив се спроведени потребните реформи.

„Вистински проблем би бил ако она што и’ се случува на Грција и’ се случи на Германија“, рече Јанша.