1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичко-бизнис мафија го силува Охрид!

Костадин Делимитов
17 јули 2019

Ќе им застане ли некој на патот на моќниците кои за лични интереси го потопија македонскиот бисер? Хаосот мора да запре и градот мора да се спаси, алармираат упатените!

https://p.dw.com/p/3M85G
Nordmazedonien | Stadt Ohrid
Фотографија: DW/K. Delimitov

Главниот туристички центар среде сезона ги преживува веројатно најтешките моменти од својата понова историја. Проблемите со УНЕСКО кој му даде последна шанса за справување со хаосот, како да подгреаа дополнителен хаос. Локалната власт амбициозно најави решение на проблемите со стотиците дивоградби, но проблемот е што пред нос дозволува да се градат нови и тоа на строго заштитени локации.

Дивоградби на сила

Случајот со советникот на ДУИ Нефи Усеини кој отвори ресторан дивоградба на чекор до стариот Чинар ја прели чашата. Но проблемот е што освен јавноста, не реагира никој од надлежните. Граѓаните се бесни:

„Ова е невидено, градов го уништуваат. Како може некој моќник кој се заканува со пиштоли и седи во Совет да прави што сака, ова не е веќе беззаконие туку насилие"....„Каква држава сме ние, сменивме власт, но навиките не. И после се чудиме зошто УНЕСКО ќе ни го симнел статусот на заштитено културно историско наследство. Па ние сме за никаде, а не за под УНЕСКО“...„Среде сезона се копа, се гради и никој не одговара. А се знае дека кога е туристичка сезона тоа не смее да се прави. А сакаме да живееме од туризам. Па кој турист ќе ни дојде ако се е прашина и по цел ден некој ти чука и ти копа“..... реагираат дел од жителите на Охрид.

Nordmazedonien | Stadt Ohrid
Фотографија: DW/K. Delimitov

Виси статусот на УНЕСКО

Случајот со советникот на ДУИ, е само кулминација на хаосот што владее во „туристичкиот бисер". Градоначалникот се правда дека за спорната пицерија имало решение за уривање уште пред неколку месеци, ама тоа никако да се спроведе. Допрва во фаза било тендер за фирма која треба да урива, ако воопшто и може. Но проблемот е што овој случај не е единствен. Туку такви има стотина и за нив меѓу другото реагира и УНЕСКО, кој во завршниот документ од последната конференција во Баку даде рок до февруари да се најде решение.

Повеќе:

-Ден на Охридското Езеро - повод за славење или за срамење?

Фактот што заштитениот статус на УНЕСКО виси во воздух според упатените е загрижувачки. Но уште повеќе, неспособноста, или немоќта на надлежните да се справат со проблемите:

„Би сакал да бидам оптимист меѓутоа реалноста е поинаква. Охрид не може да се справи со овие проблеими сам, а прашање е колку може и со помош на владините и државни институции. Затоа што има еден пристап во кој што доминантни се т.н. волунтаристички приоди од несовесност, незнаење, несакање, политички аспекти, профитерство, корупција. А толку се едноставни работите бидејќи се е регулирано со закон. И тие се добри, строги и експлицитни, но проблемот е што не се спроведуваат",  предупредува Димитар Зарче, архитект кој своевремено како Претседател на тогашното Собрание на општина Охрид, бил вклучен во постапката за прогласување на Охрид како град на УНЕСКО.

Решение има, но треба волја

Проблемот со дивоградбите според него се решава многу лесно, но ако се сака и ако се има волја:

„На пример за дивоградбите законот предвидува многу строги мерки. Не е само да се дојде и да се урне. Ако имаме дивоградба на државно земјиште, заштитено со закон и со која се нарушува културно историската традиција и се уништува нешто како археолошки или културолошки артефакт, законот предвидува од 3 до 8 години затворска казна и тоа ефективна, не условна. Тука не знам зошто некој треба да се договара и да бара одредени надлежности, се знаат тие и се знаат мерките. Само треба некој да ги спроведе. Затоа сме секојдневно во се поголеми проблеми кои ислегува дека се нерешливи. Но тоа не е точно“, предупредува Зарче.

Nordmazedonien | Dimitar Zarcev
Димитар ЗарчеФотографија: DW/K. Delimitov

Политички и бизнис пазарења

Но каде е тогаш проблемот? Зошто надлежните замижуваат и свесно допуштаат беззаконие и самоволие? Причините според Зарче се јасни и очигледни:

„Проблемот е во политиката. Секогаш се` се решава со партиски договарања, битка за гласови, разни ветувања, веројатно и поделба на профит, форсирања на одредени деловни субјекти за сметка на незаконито стекнување на имот. Затоа имаме апсурди од типот градоначалник на Струга да отвора дивоградба во Охрид. Се прашувам како на тоа ќе реагираат во ЗЕЛС. Како ќе настапат во едни вакви состојби 80 градоначалници кои се должни да ги спроведуваат законите. Ако некоја локација не е во согласност со законите експлицитно е кажано на кој начин треба да се дејствува. И нема да имаме проблем ако некој се однесува така. Но кога ќе почне мешетарството од страна почнуваат проблемите и профитираат оние кои што се постојано на услуга, истите екипи кои биле кај едната па кај другата структура. Тоа се исти луѓе, вешти, знаат да се додворуваат. Тие профитираат, а мнозинството граѓани губат, на углед, во авторитет на власт на држава, во културен, еколошки во секој можен аспект“, реагира Зарче.

Забрана за капење во бисерните" води

Како капак на се` деновиве осамна аларм дека дел од езерските води не се за капење и тоа во атрактивното старо градско јадро. Проблемот е во колекторскиот систем, односно неговата пречистителна станица која не може да се справи со атмосферските и отпадните води. Надлежните се мобилизирани, бараат решение, па дури најавуваат и изградба на паралелен систем. Архитектот Зарче, кој своевремено раководел со реализацијата на дел од овој проект кој е изграден уште во времето на СФРЈ од страна на охридски Трудбеник. Тој предупредува дека проблемот се влече со години, па и децении.

Станува збор за технички проблем кој е резултат исклучиво на неодржување на системот. Тоа беше строго утврдено кога системот с пушти во 1987 година. Тогаш беше јасно утврдено дека одржувањето во голем дел го покрива државата, а останатиот дел го менаџираа Охрид и Струга. Но по осамостојувањето, па и до денеска тоа затаи и еве до каде дојде. И не е чудо што езерото е загадено. Тоа е факт и тоа е така заради тоа што не функционира системот за пречистителна станица. Тие технички проблеми се на државата и затоа уште во старт беа така утврдени бидејќи Охрид и Струга не беа способни самите да го одржуваат системот. И сега слушам некои критикуваат што се поставиле знаци да не се капи. Па што да прават, да дозволат? Јас целосно ги поддржувам и тоа покажува дека сепак некому му е грижа“.

Nordmazedonien | Stadt Ohrid
Фотографија: DW/K. Delimitov

Во вакви услови клучната дилема е каде е спасот за Охридскиот крај и самото Езеро како исклучително природно но и култуно и историско богатство. Упатените реагираат има, но само ако има јасна волја и подготвеност за дејствување:

„Мислам дека тоа е професионална работа, оти политичкиот дел ни е јасен. Треба да се направи тим кој ќе има задача да го корегира она што е неисправно. Да се обезбеди документација, проекти и предлог за нивна реализација. Па потоа ќе се обезбедат и пари од европски фондови. Нема друг начин. Ова важи и за езерот и за заштитениот појас. Ако Македонија, пред 30 години можеше да го направи она што го бараше УНЕСКО, ова сега сум убеден дека може да го постигне. И ќе биде смешно ако не може да се справиме. Ние знаеме што треба да се направи, но не сме организирани. Основна цел е да се исчисти езерото, да се исчисти градот, се она што ни пречи да го корегираме и толку. Но тоа бара активен ангажман и дисциплина. Тоа е макотрпна работа во организационен смисол што ќе треба и бара строго однесување кон проблемот“, укажува Зарче. 

Предлог закон со фалинки!?

На конференцијата на УНЕСКО во Баку прашањето со Охридскиот регион доби екстра период до февруари за решавање на проблемите. Надлежните се фатија за работа. Првиот чекор е Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион кој е во прво читање во Парламентот. Со нео треба да за се воспостави правна рамка и механизми за заштита на охридскиот регион и со тоа да се направи чекор кон исполнување на условите на УНЕСКО за Охрид да не го загуби статусот на Светско културно наследство. 

Сепак, дел од невладините организации алармираат дека ова законско решение е поинакво од она што македонската делегација го претставила во Баку. Односно, тоа е изменето со вметнување на Бадентеровиот механизам. Тие реагираат дека на ваков начин ќе се создаде простор за локални моќници директно да влијаат на сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи овој Совет и повторно ќе се реализираат штетни инфраструктурни проекти,  кои ќе значат понатамошно уништување на Охридскиот регион.

„Сметаме дека ваквиот начин на носење одлуки на Советот за Охридскиот регион не е во согласност со Охридскиот рамковен договор, бидејќи Бадентеровиот принцип на донесување одлуки се воспостави за да се избегне надгласувањето на помалите етнички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како Собранието и советите на локалната самоуправа, каде избрани претставници носат одлуки во името на граѓаните. Во конкретниот случај се работи за стручно тело со советодавна улога, кое дава мислења, препораки и предлози заради зачувување на природата и културното наследство на Охридскиот регион, но не донесува одлуки", реагираат од Коалицијата на невладини организации.

Според изработениот регистар на дивоградби во општина Охрид има 1076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони од УНЕСКО. Локалната власт тврди дека УНЕСКО не побарала уривање на дивоградбите кои се во заштитениот појас. Според градоначалникот Константин Ѓеорѓиевски прво мора да се утврди колку од 409. дивоградби ја загрозуваат животната средина, па да се донесе одлука кои објекти ќе бидат урнати.

Nordmazedonien | Stadt Ohrid
Фотографија: DW/K. Delimitov

„УНЕСКО не бара од нас да урнеме 400 дивоградби бидејќи е тоа невозможно. Бара од нас да извршиме еваулација на влијанието на животната средина на тие објекти кои се во заштитениот појас и тие да ги отстраниме. Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце, кога зборуваме за големи објекти“, изјави Ѓеорѓиевски.

Локалната власт тврди дека без отстапки кон никого, ќе ги урне сите нелегално изградени објекти, а кои влијаат врз животната средина.