1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичко отворање на Иран?

30 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcR3

Дали земјотресот во Иран и обемната меѓународна помош ќе придонесат за релаксација на односите на Техеран со западот? Првите знаци во таа насока веќе доаѓаат. Надеж на официјален Берлин и на Вашингтон. Еве ги реакциите.

Германската влада се надева дека мразот меѓу Иран и западниот свет ќе се стопи. Во прилог на тоа говори меѓународната помош за жртвите од катастрофалниот земјотрес која пристига од сите страни. Помошта по катастрофата може да биде искористена за разградување на взаемната слика за непријателство, изјави претседателот на Бундестагот, Волфганг Тирзе. Оптимистичка е и изјавата на експертот за надворешна политика на фракцијата на ЦДУ и ЦСУ, Фридберт Пфлигер, кој се надева дека страшната несреќа ќе понуди голема шанса во таа насока.

"Верувам дека подготвеноста за помош на меѓународната заедница ќе придонесе за изградба на нови мостови, можеби дури и во насока на Америка, но за такво нешто се потребни, се разбира, двајца", изјави германскиот амбасадор во Техеран, Пол Фрајхер фон Малтцан за радиото Берлин- Бранденбург. Според дипломатите, можеби сега е дојдено времето за надминување на длабоката недоверба меѓу САД и Иран.

И, токму такви најави доаѓаат од Вашингтон. Американскиот министер за надворешни работи, Колин Пауел, за Вашингтон Пост денеска вели дека постои надеж за подобрување на односите на Вашингтон и Техеран. Има знаци за тоа дека во иднина повторно би можел да биде воспоставен дијалог меѓу двете земји, вели Пауел. Според него, однесувањето на Иран во последно време укажува на промена на ставот. "Тие препознаваат дека светот гледа и е подготвен на преземање мерки", изјави шефот на американската дипломатија, додавајќи дека сепак исто како и порано, постои опасност од терористички активности во Иран. Меѓу Вашингтон и Техеран нема дипломатски односи уште од 1979 година. Особено напрегнати односите станаа откако американскиот претседател, Џорџ Буш го вброи Иран во "Оската на злото".