1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EASO Migration EU

18 декември 2011

Европа е дестинација на голем број луѓе кои се во потрага по подобар живот. Но, зад европските граници не е рај. Нова канцеларија на ЕУ би требало да им помага на земјите на периферијата на Европа.

https://p.dw.com/p/13UDg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Очајни луѓе, стиснати едни до други на мал простор - во преполните бегалски кампови на грчко-турската граница владеат неиздржливи хигиенски услови. Нема топла вода, нема парно, нема посебни простории за мажите и жените. Покрај сето тоа и постапки за азил кои завршуваат речиси секогаш без успех.

Хуманитарните организации постојано укажуваат на состојбите, а повнимателна стана и ЕУ. Сега и грчката влада се соочува со проблемот. На една конференција на Европската академија за право (ЕРА) околу законите за миграција, Лукиа Котрони од грчкото Министерство за надворешни работи, ги наброи проблемите - обработката на многу случаи заостанува, има недостиг на персонал на многу места. „Имаме огромен проблем со бегалските кампови, зашто нема доволно место. И ако луѓето не се држат таму, тие исчезнуваат.“

Голема миграција - слаб систем за азил

Afghanische Flüchtlinge in einem Flüchtlingslager in Griechenland
Камповите треба да имаат подобри услови и да бидат проширени, исто како и услугите што им се пружаат на барателите на азилФотографија: DW/Ahang

Во Грција веќе 20 години има засилени бегалски бранови. Многумина сакаат да патуваат натаму, во друга земја на ЕУ, други пак, доаѓаат за да останат. Но, системот за азил не беше прилагоден на новите околности. Дури во 2010 година грчката влада донесе Акционен план, објаснува Лукиа Котрони. Во него станува збор за реформа на постапката за азил и за создавање нова институција за азил. Камповите треба да имаат подобри услови и да бидат проширени, исто како и услугите што им се пружаат на барателите на азил. Во планот станува збор и за проширување на политиката на враќање на бегалците, нагласува Котрони.

Помош за самопомош

Грција доби поддршка од Европската канцеларија за поддршка за прашања на азилот - ЕАСО. Таа има седиште на Малта и има задача да ја засилува практичната соработка на ЕУ-државите по прашања на азилот. Поддршка треба да добиваат државите чиј систем за азил и за прием на бегалци е преоптоварен.

Клаус Фолден од ЕАСО е надлежен за тимовите за поддршка по прашања на азилот, кои по барање можат да се испратат во државите на ЕУ. До сега Фолден во Грција има испратено 13 тимови за поддршка. Тоа е и една од причините за напредок во грчката политика на азил, вели тој. „Да наведам конкретен пример - во втората инстанца досега имаше само неколку комисии за жалби, а сега се веќе десет, додека на почетокот на наредната година ќе бидат 20. Тоа, на пример, беше поддржано од страна на судии од Австрија“, објаснува Фолден.

Deutschland Ausländerbehörde Hamburg Flash-Galerie
Во наредните години мора да се воведе заедничка политика на доселување и азил, се вели во Меѓународната организација за миграцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Да се завршат домашните задачи

ЕАСО треба да помогне за воведување на заеднички европски систем на азил. Канцеларијата на ЕАСО собира податоци за постапките за азил во земјите на ЕУ и им дава поддршка на најпозитивните искуства. Освен тоа се собираат податоци за земјите од кои доаѓаат бегалците за да се провери дали е можно нивно враќање назад. ЕАСО треба во годишен извештај да направи преглед на ситуацијата со азилот во Европа, но и да издаде прирачници и насоки кои треба да помогнат за етаблирање на европски инструменти за азил. Зашто сликите со преполни бегалски кампови не доаѓаат само од североисточниот дел на Грција, туку и од Италија, Малта и други региони на јужна Европа. Според Клаус Фолден, заеднички европски систем на азил бара не само соодветни закони, туку и практична соработка на државите членки.

ЕАСО, меѓутоа, ќе соработува и со други организации, меѓу кои и Меѓународната организација за миграција. Таа потсетува дека ЕУ треба да си ги заврши домашните задачи на ниво на политиката за миграција. Во наредните години мора да се воведе заедничка политика на доселување и азил, се вели во Меѓународната организација за миграција и се додава: „Канцеларијата која, меѓу другото, е надлежна за спроведување на заедничката политика на азил, е создадена пред да се воведе систем на азил.“

Автор: Дафне Гратвол / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска