Половина милион луѓе во Мосул без вода за пиење

Откако останаа без храна и струја, стотици илјади цивили во опколениот ирачки град Мосул сега се соочуваат и со недостаток на питка вода. ОН предупредува од катастрофа

Околу 500 илјади цивили во Мосул се соочени со „катастрофален“ недостаток на вода, предупредува ОН, додека продолжува офанзивата на ирачките воени сили против радикалите на Исламската држава кои го контролираат градот.

Жителите на градот веќе страдаат поради големиот недостаток на храна и струја, но сега остануваат и без питка вода, вели Лизе Гранде, хуманитарен координатор на ОН во Ирак.

„Речиси половина милион цивили, кои и онака веќе секојдневно страдаат, сега немаат ни пристап до питка вода. Последиците за децата, жените и семејствата ќе бидат катастрофални“, вели Гранде.

Десетици илјади ирачки трупи и нивни сојузници започнаа офанзива за ослободување на Мосул, кој беше освоен од Исламската држава пред две години.

По повеќенеделни борби, ирачките сили успеаја да го опкружат градот и да навлезат во источните предградија, каде се водат улични битки со џихадистите. 

Во текот на борбите беше уништен доводот на вода

Во текот на борбите беше уништен доводот на вода во дел од градот под контрола на Исламската држава.

„Доколку не се врати дотокот на питка вода во следните денови, цивилите ќе бидат принудени да користат несигурни извори на вода, со што децата ќе бидат изложени на ризик од различни болести“, соопшти Уницеф.

Ирачките воени команданти велат дека досега успеале да освојат околу 40 проценти од источен Мосул.

Воздушните напади ја намалиле способноста на ИД да изведува самоубиствени напади- најмоќното и витално оружје на џихадистите.

Ирачките сили побараа од цивилите да останат во своите домови за да се избегне масовно раселување од градот.

Напредувањето на офанзивата оди бавно и покрај тоа што силите на Исламската држава бројат само меѓу три и пет илјади луѓе, но сојузниците тврдат дека тие го користат цивилното население како човечки штит.

Битката за Мосул

Ирачката армија откри масовна гробница

Додека ирачките сили навлегуваа во територијата окупирана од „Исламска држава“, во операцијата за ослободување на Мосул, пронајдоа масовна гробница со стотина тела, повеќето обезглавени. Сликата покажува коски и тела во распаѓање кои беа ископани од земјата. Ирачки полициски офицер држи детска играчка која била најдена на местото.

Битката за Мосул

Сведоштво за бруталностa

Гробницата која беше пронајдена во близина на градот Хамам Ал Алил во близина на Мосул е сведоштво за бруталноста на „Исламска држава“. Милитантите на ИД извршија серија на масакри по освојувањето на големи делови од јужен и централен Ирак во 2014 година. Оваа слика покажува ирачки војник кој врши инспекција на зграда која била користена како затвор од страна на ИД во Хамам ал Али.

Битката за Мосул

Ослободени од терор

Овие мажи, бегалци од ирачката област Хамам ал Али го прославуваат ослободувањето на нивното село од страна на ирачките сили. Сега можат да се вратат во своите домови.

Битката за Мосул

Запалени полиња со нафта

Како одговор на воената офанзива, „Исламска држава“ ги запали полињата со нафта. Командир на ирачките воени сили изјави дека повеќе од 5.000 цивили биле евакуирани од источните делови на Мосул и биле сместени во кампови. Изненадувачката офанзива на здружените сили покажа дека дури и кога е под напад, ИД може да предизвика хаос во различни делови на Ирак кои се далеку од базата во Мосул.

Битката за Мосул

За што се војува во Мосул?

Чад се издига за време на судирот помеѓу Пешмерга и милитантите на ИД во градот Башика, источно од Мосул. Првично, градот беше користен од ИД за воспоставување на својот калифат, а подоцна како извор на ресурси. Мосул е база за операциите на ИД со хемиско оружје. Античкиот град Асириан е витален ресурс за приходи од данок и принудна работа за ИД.

Битката за Мосул

Улогата на ирачката армија и нејзините сојузници

Ирачките специјални сили се во засолниште откако нападнати од снајперски оган на ИС. Заедно со курдската Пешмерга и шиитските милиции, ирачките сили ги засилија борбите и продолжија кон освојување на погусто населени зони од градот без воздушна поддршка од коалицијата предводена од САД поради високиот ризик од цивилни жртви.

Битката за Мосул

Курдската Пешмерга

Во меѓувреме, дел од силите на курдската Пешмерга се фокусираат на други упоришта на „Исламска држава“ во северен Ирак и во градот Киркук каде ИС лансираше серија на насилства како одговор на напредокот на ирачката армија кон Мосул.

Битката за Мосул

Бегалци од војната

Обединетите нации изјавија дека повеќе од 34.000 луѓе ги напуштиле своите домови во Мосул од почетокот на операцијата во средината на октомври. Три четвртини се сместени во кампови, а останатите во заедници за бегалци.

Следете нѐ