1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полската влада треба да се засрами

Розалија Романиец
19 декември 2016

Она што се случи во Полска за време на викендот, во прв ред непријатните сцени пред зградата на Сејмот, не навестува ништо добро. Владата мора да се разбуди, смета Розалија Романиец.

https://p.dw.com/p/2UUu6
Polen | Protest vor dem polischen Parlament gegen die Einschränkung der Pressefreiheit
Фотографија: picture-alliance/PAP/dpa/B. Zborowski

Случувањата од ноќта меѓу саботата и неделата се пресврт. Никогаш по 1989 година полската полиција не употребила насилство за да ѝ го расчисти патот на власта од народот кој протестира. Владата би требало да се засрами поради тоа. Наместо да се погрижи за деескалација, таа и натаму ги форсира поделбата и дестабилизацијата на Полска .

За подобро да се разбире ситуацијата фрламе поглед на минатата ноќ. Илјадници вечерта се собраа пред зградата на Сејмот во Варшава, откако беше објавено дека владата ќе го ограничи пристапот на медиумите во парламентот. Луѓето веднаш почнаа да се собираат на улиците, не само во Варшава. Многумина ги следеа случувањата, кои се одигруваа пред зградата на полскиот парламент преку социјалните медиуми и беа револтирани од сцените, какви не беа познати во Полска. 

Оживеаја старите сеќавања

На еден опозициски политичар во парламентот му беше исклучен микрофонот. Замолчувањето беше фатален симбол. Веднаш потоа опозицијата го окупираше пленумот. Некои пратеници преку Фајсбук лајв и овозможија пристап на јавноста до збрката во пленарната сала на Сејмот. Во реакцијата на тоа демонстрантите безуспешно се обидоа да навлезат во зградата на парламентот и потоа насобраната толпа ги блокираше сите излези.

Иако ситуацијата натамошно се разгоруваше на секои петнаесетина минути, владејачката партија не го прекина гласањето за законот, туку неодложно од пленарната го префрла во друга сала во парламентот. Опозицијата требаше да биде спречена да учествува. Потоа пратениците од владејачката партија не можеа да ја напуштат зградата зашто надвор дивееше толпата. Дури непосредно пред три часот изутрината со масивна полициска интервенција, беше ослободен патот за двајца- премиерката Беата Шидло, и „врховниот гуру“  Јарослав Качински, кој иако не извршува никаква државна функција, како шеф на владејачката партија ПиС се става на располагање на владата. Двајцата ја напуштија зградата во автомобил.

Се разбира дека е тешка бламажа за владата, кога сопствениот народ толку ѝ се спротиставува, така што единствено може да помогне полицијата. Многу повознемирувачка е употребата на солзавец и на насилство од страна на силите на редот. Тоа конечно го демолира угледот на оваа влада. Сцените на жени и мажи, кои лежат на земја, кои гласно викаат додека се апсени од полицијата, опасно потсетуваат на старите времиња, кога полицијата уште се викаше „милиција“ 

Се заканува ескалација

Знак за наспособноста на оваа влада и лош предзнак за Полска. Хаосот изгледа како одамна да достигнал ниво на кое очигледно е прилично второстепено, кој е во право а кој не, за кој закон станува збор во моментов, и кој кого со што го провоцираше. Луѓето престануваат ладнокрвно да аргументираат и  едноставно се ставаат или на едната или на другата страна. Поделбата расте, фронтовите се зацврстуваат. Време на сето тоа да се погледне од дистанца. Тогаш станува јасно дека сѐ повеќе Пољаци се толку револтирани, дека среде ладна зимска ноќ  излегуваат на улица  да демонстрираат за нешто што во минатото постојано ги обединуваше: чувството на слобода.

Кога оваа полска локомотива ќе започне да се движи, повеќе не може да биде запрена. На денот потоа повторно многу луѓе излегоа на улица, државата демонстрираше присутност со полиција и оклопни возила во центарот на Варшава.  Вчеравечер премиерката Шидло во телевизиско обраќање ги нарече демонстрациите „скандалозни“. Владата која има претензии дека ја претставува нацијата, како никој друг, очигледно не сфати што направи. Добрите вредности во анкетите не се сѐ. Мора демократски да се дејствува. Владата пред сѐ мора да му остане верна на  Уставот, а не на безобзирен лидер, како Качински, кои чувството на единство на народот повеќе го уништува отколку што го зајакнува. Во спротивно нема долго да владее. Не во оваа земја.