1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска: демонстрантите го блокираа парламентот

Ж.А. /агенции
17 декември 2016

Илјадници луѓе ноќеска ги блокираа сите излези од Парламентот во Варшава, револтирани поради плановите на владата да го ограничи пристапот на новинари во Сејмот.

https://p.dw.com/p/2US7G
Polen | Protest vor dem polischen Parlament gegen die Einschränkung der Pressefreiheit
Фотографија: Getty Images/AFP/W. Radwanski

Стотици полицајци беа ангажирани во акцијата за повторно ослободување на влезовите и излезите на полскиот парламент во Варшава. Полициските сили со гумени куршуми интервернираа против демонстрантите. Некои од демонстрантите беа отстранети, но до длабоко во ноќта луѓе масовно пристигаа пред зградата на законодавниот дом. Се вееја црвено-бели државни знамиња. Водечки политичари, меѓу кои премиерката Беата Шидло и лидерот на нејзината партија Право и правда, Јарослав Качински, до раните утрински часови беа спречени да го напуштат Парламентот. Масата народ скандираше: „Нема да излезете пред Божик“. Демонстрантите бараа слобода за медиумите, обвинувајќи ги пратениците на десно-конзервативната Партија на правото и правдата, ПиС, за неправилно усвојување на буџетот за идната година. Околу полноќ ним им се придружија некои од пратениците на либералната Граѓанска платформа, ПО. Меѓу говорниците на протестите беше и поранешниот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

Polen | Protest vor dem polischen Parlament gegen die Einschränkung der Pressefreiheit
Фотографија: Getty Images/AFP/W. Radwanski

Револтот е насочен против планираниот нов закон за медиумите, кој предвидува новинарите во иднина од пленарната сала да не смеат да направат фотографии или видеоснимки. На таков начин би било оневозможено документирањето на кршењето на правилата од страна на пратениците, на пример кога пратеник гласа во името на отсутни колеги.

Уште во текот на денот околу 30 пратеници од Сејмот се солидаризираа со новинарите кои протестираа и во Парламентот извикуваа „Демократија!“ и „Слободни медиуми“. Претседателот на Парламентот ја прекина седницата на еден час. Опозиционите партии го критикуваа за кршење на уставот, зашто тој гласањето за буџетот за идната 2017 година го премести во друга просторија на парламентарната зграда и ги исклучи медиумите од текот на гласањето.

Polen Protest gegen Zutrittsbeschränkungen zum Sejm
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Obara

Сведоци доцна во ноќта известија дека во главниот град Варшава се донесени полициски сили од други градови. Се кренаа тензии и кога околу полноќ ненадејно било прогласено и затворање на полскиот воздушен простор, за кое подоцна се испостави дека се должи на технички проблеми, кои брзо се отстранети.