1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска и САД повторно се сакаат

22 октомври 2009

Варшава беше прва станица на американскиот вице-претседател Џо Бајден во Источна Европа. Тој говореше за американската политика за ракетна одбрана и увери дека регионот нема да биде оставен самиoт на себе или на Москва.

https://p.dw.com/p/KCaJ
Доналд Туск и Џо Бајден во ВаршаваФотографија: AP

Американскиот вице-претседател Џо Бајден допатува во Варшава за во прва линија да испрати сигнал за добрите односи меѓу Полска и САД. Полскиот премиер Доналд Туск реагираше со олеснување на најавите од САД дека неговата земја ќе игра важна улога и во новата американска одбранбена политика: „Сакам да нагласам дека сметаме оти новиот проект за ракетна одбрана, кој го нарекуваме СМ3-проект, е многу интересен и корисен. Подготвени сме соодветно да учествуваме во него.“

Безбедносната ситуација е променета

Полска најверојатно на своја територија ќе ги стационира американските СМ3-ракети, кои се наменети за спречување ракети со среден и краток дострел, а не како што беше првично планирано за ракети со долг дострел. Безбедносната ситуација е променета, нагласи Бајден и затоа Барак Обама ги смени плановите на неговиот претходник Џорџ Буш.

Obama Veepstakes Biden
Бајден: Полска е еден од најблиските сојузнициФотографија: AP

„Полска е еден од најблиските сојузници. Го цениме тоа што Полска ги поддржа и нашите поранешни планови за ракетна одбрана. Исто така цениме што полската влада согледа дека, во меѓувреме, со новите технологии постојат подобри патишта за одбрана од ракетната закана“, истакна Бајден.

СМ3-ракетите се конципирани како мобилно оружје за бродови и засега е неизвесно кога ќе постојат такви ракети за копно. Полскиот претседател Лех Качински, кој исто така се сретна со Џо Бајден, истакна дека новиот систем ќе се воведува постепено.

Од кратката посета на Бајден на Полска произлегоа две пораки: првата е дека на Америка и‘ е потребна Полска за воените активности и втората , можеби најважната, е дека двете земји повторно се сакаат.

Автор: Лудгер Кажмирчак / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска