1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Полска „револуција“

Паул Фликигер
14 јули 2017

Десничарско популистичката полска влада со нов закон планира да го стави Врховниот суд „под капата“ на Министерството за правда. Освен тоа, со нов закон се настојува да се намали странското влијание врз полските медиуми.

https://p.dw.com/p/2ftPw
Polen Zeitungskiosk Kiosk Zeitschriften Krakau
Фотографија: picture alliance/dpa/A.Widak

Со предлог законот кој вчера стигна во полскиот парламент, владата во Варшава има намера да ги принуди да заминат во пензија сите судии кои нема да добијат дозвола за работа од министерот за правда. За избор на нови судии би бил исто така надлежен министерот за правда. Опозицијата ваквиот предлог закон го оцени како „најава на пуч“ во државата. 

Владејачката партија Право и правда (ПиС) сака до крај да ја спроведе и својата медиумска „револуција“. Откако државната радио-телевизија и новинската агенција ПАП беа ставени под контрола, сега би требало приватните медиуми „повторно да станат полски“. Законот би требало да биде усвоен во парламентот пред летната пауза. Со оглед на тоа дека ПиС во Сејмот располага со апсолутно мнозинство, усвојувањето на новиот закон е чиста формалност.

Германското присуство - спорна тема

Цел на ПиС е да се избори против силното германско присуство на полскиот медиумски пазар. Шефот на партијата Јарослав Качински уште за време на предизборната кампања во 2015 година вети ослободување на печатените медиуми „од германските канџи“. Предизборното ветување Варшава сега сака да го спроведе на дело.

ПиС тврди дека германските компании држат три четвртини од полскиот медиумски пазар. Елизабета Крук (ПиС), претседателка на комисијата за култура во Сејмот зборува дека речиси 80 насто од издавачки куќи се во странски раце, тврдејќи оти толку висока застапеност на странски капитал е единствена во една земја од ЕУ. „Дали токму Германците мораат да ја контролираат полската влада“, гласи реторичкото прашање на Крук.

Прашањето е во согласност со повеќегодишниот антигермански тон на ПиС. Политичарите од оваа партија ја користат секоја можност да потсетат на ужасите од Втората светска војна. Малку кои вести на јавната телевизија ТВП поминуваат без антигермански забелешки.

Polen | Protest vor dem polischen Parlament gegen die Einschränkung der Pressefreiheit
Фотографија: picture-alliance/PAP/dpa/B. Zborowski

Германските прописи како пример

Иницијативата на ПиС ја поткрепуваат фактите врзани за германските издавачи. По 1989 година германските компании брзо воспоставија доминација на медиумскиот пазар во централно-источна Европа. Експанзијата на „Пасауер ное пресе“, кој е застапен преку сестринската „Полска прес“, беше незапирлив. „Пасауер“ на полскиот пазар се појави во 1994 година кога купи 8 регионални весници. Денес на оваа медиумска куќа и’ припаѓаат речиси 90 отсто од полските регионални весници: речиси 20 локални дневни весници и околу 100 неделници. Оваа медиумска куќа во 2013 година контролираше 49,8 насто од регионалните весници и интернет портали, а денес дури 86,6 отсто, податоците се на онлајн порталот wpolitice.pl. Таква медиумска концентрација на баварската медиумска куќа во Германија никогаш не би била можна.

ПиС тоа го има одамна сфатено и со доза на иронија тврди дека новиот закон би требало да се изработи според западен пример. „Според германскиот пример сакаме да ја спречиме доминацијата на одредени издавачки куќи“, вели пратеничката од ПиС Барбара Бубула. „Медиумската концентрација е сѐ посилна и ние мораме да спречиме тоа да се одрази како недостаток на плурализам.“ Со оглед на тоа дека во есен 2018 година се одржуваат локални избори на удар најпрво би можела да се најде медиумската куќа „Полска прес“.

Jaroslaw Kaczynski
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Keplicz

Уште поголем проблем за владата на ПиС претставуваат компаниите Рингие Аксел Шпрингер Медиа АГ (100 проценти удел во најважната онлајн платформа onet.pl, како и во 13 големи весници) и Бауер (53 помали весници, како и 25 насто капитал во водечката приватна радио станица РФМФМ). Во Полска е активна и издавачката куќа Бурда, која десничарско-популистичката влада ја критикува ека известува „по берлински диктат“- а тоа пред сѐ значи критички кон ПиС.

Во изработка е закон против создавање монопол. Уделот на странски медиумски куќи тој би требало да го ограничи на 30 проценти. Цел на ПиС се  во прв ред куќите со германски капитал.

Со ширење на антигерманско расположение до гласови

Иако симпатизерите на ПиС ја поддржуваат антигерманската реторика на партијата, резултатите од анкетите покажуваат дека полската јавност е поделена. Само 28 насто од испитаниците сметаат оти се пожелни промени кога станува збор за медиумите, додека 40 отсто строго се противат. Останатите немаат јасен став.

Меѓутоа, на плановите на владата на пат им стои принципот на ЕУ за слободно движење на капиталот. Тој забранува дискриминација на капиталот. ПиС затоа бара излез преку полскиот закон за спречување на монопол.

Erste Springer Tageszeitung in Polen Fakt
Фотографија: picture-alliance/dpa/P.Pleul

За новиот закон сѐ уште не се знае многу . Според зборовите на потпретседателот на владата и министер за култура, Пјотр Галински, предвидени се преодни периоди, кои на издавачките куќи нпрво ќе им дозволат доброволна продажба на својот дел на полски купувачи. Дури потоа државата ќе може да врши посилен притисок.

Со тоа слободата на медиумите ќе биде слично ограничена, како во комунистичка Полска пред 1989 година, критикува либералната опозиција. Но, владата не ја возбудуваат таквите споредби. Таа има свои „позитивни примери“ како што е враќањето на банката Пекао СА во полски раце. Државната осигурителна компанија ПЗУ оваа банка во есента 2016 година ја откупи од италијанската УниКредит-група. Со тоа беше исполнето предизборното ветување на ПиС за „патриотска економија“. Владата наскоро би можела да го исполни и ветувањето кое се однесува на медиумите.