1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помалите албански партии бараат федерализација

26 мај 2011

Помалите вонпарламентарни и други партии во албанскиот политички блок во кампањата влегоа со програми и речник, кои се изразено етнички обоени. Најчесто барање е федерализација на Македонија.

https://p.dw.com/p/11NfS
Претседателот на партијата Национална демократска преродба, Руфи ОсманиФотографија: DW/S.Toevski

Лидерот на Националната демократска преродба, гостиварскиот градоначалник Руфи Османи, пред неколку дена на предизборниот митинг во селото Сенокос, во селската општина Врапчиште, истакна: „Ние се натпреваруваме за тоа премиерот на Македонија да биде Албанец, да ја изградиме државотворноста на Албанците како народ, тие да владеат со своите пари и само така ќе ја направиме Македонија албанска“. Притоа, тој ги нагласи овие програмски заложби на неговата партија:

„Албанците треба да го добијат својот дел од државниот буџет и треба да биде спроведена нетериторијална федерализација на земјата.“

Влада според Бадентеровиот принцип

Имер Селмани, претседателот на Нова Демократија, партија, која сепак се етаблира се’ повеќе, целејќи и во овој мандат да добие пратеници во Парламентот, во скопското село Студеничани пред неколку дена кажа:

Rufi Osmani
Челниците на партијата Национална демократска преродба на изборен митинг во СенокосФотографија: Sveto Toevski

„Ние имаме понуда, која гарантира економска рамноправност, економски развој, нови работни места. Поддршка за бизнисмените, кое не ги има малку ниту во општина Студеничани. Тие имаат потреба за институционална подрршка од владата. Ви гарантирам и уставна реформа, која ќе започне од Уставниот суд со сиот судски систем, како и формирање влада според Бадентеровиот принцип, односно, со гласање и според принципот на етничкото мнозинство.“

„Демократски пакт на конститутивните народи“

Првата воопшто конституирана албанска партија во Македонија - Партијата за демократски просперитет, исто како и најголемиот број други партии во албанскиот кампус, ќе се натпреварува на парламентарните избори сама, без преголеми амбиции и без големи митинзи низ населените места во државата. Таа сега нуди „Демократски пакт на двата конститутивни народа во Македонија“, мислејќи на Македонците и Албанците. Сефедин Харуни, претседателот на ПДП, во еден од предизборните настапи, изложи „формула за мултинационална федерализација“. Таа ќе и’ гарантира на земјата „соживот на сите народи во неа и нејзин стабилен развој.“ За да се постигне ова ќе бидат потребни „преговори меѓу Македонците и Албанците и реципрочна, заемна согласност меѓу нив за да се создаде заедничката држава.“

Mazedonien Wahlen 2009
Фотографија: PETR STOJANOVSKI

Национални тонови

Слични, национално ориентирани тонови и заложби има, исто така, вонпарламентарната Албанска демократска унија. Во врска со нејзината „Програма за антидискриминација“ претседателот Бардил Махмути на промотивната конвенција во Тетово кажа:

„Оваа платформа против дискриминацијата е силно оружје во рацете на Албанците, во политичката борба да ги легитимираме нашите права.“

Националната демократска партија на Џезаир Шаќири, потпиша меморандум за изборна коалиција со партијата на Бардил Махмути и тие двете сега заедно ги повикуваат и другите партии од нивниот политички кампус на обединување на албанскиот политички фактор во земјата.

Wahlen Mazedonien
Фотографија: DW

Недостасуваат економски платформи

На парламентарните избори во Македонија ќе учествува уште една мала албанска партија – Националната демократска унија. Според неа, од клучна важност се федерализацијата на земјата и целосната рамноправност на Албанците.

Кон оваа панорама на политичките платформи на помалите албански политички партии придодаваме и дел од пишувањето на весникот на албански јазик „Коха“, објавено минатите денови. „Албанските партии влегоа во изборната трка со слогани различни, но со политички понуди, кои се разликуваат многу малку една од друга. Нивните покани да се гласа за нив ќе создадат конфузија кај бирачите, бидејќи ќе биде тешко да се решат за која понуда да го дадат гласот“, прогнозира овој весник и заклучува: „Со платформите, кои се претставуваат за време на кампањата, во врска со образованието, економијата и другите сфери, тие партии нудат сами општи фрази, но не и конкретни решенија на проблемите, кои го засегаат бирачкото тело.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Горан Чутаноски