1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помалку „диви насеља“, повеќе Европа

9 мај 2019

Денот на Европа и на победата над фашизмот, го носи и сеќавањето на изгубените животи во дводневните престрелки во кумановското „Диво насеље“

https://p.dw.com/p/3ID60
Mazedonien Polizisten bei Schießerei verletzt
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, 9-ти мај, денеска во Скопје ќе бидат одбележани со повеќе настани, меѓу кои, со обраќањето на премиерот Заев и претставници на Сојузот на борците од НОБ пред споменикот на Ослободителите на Скопје, но и со традиционалниот „ЕУ-појадок“. Тој е организиран од Секретаријатот за европски прашања, а на појадокот се поканети амбасадорите на земјите- членки на ЕУ, амбасадорите на земјите од Западен Балкан, поранешните вицепремиери за европски прашања и претставници од граѓанските организации. На ЕУ-појадокот треба да се придружи и новозбраниот претседател на државата, Стево Пендаровски, кој ќе има свое обраќање покрај вицепремиерот Бујар Османи и евроамбадорот Самуел Жбогар.

Првите оставки по „Куманово“

Од пред четири години,  9-ти мај за жал го носи и сеќавањето на изгубените животи во дводневните престрелки во кумановското „Диво насеље“, кога вооружена група од Косово ги нападна македонските безбедносни сили.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

„Диво насеље и Европа не одат заедно“ - беше еден од графитите кој ги коментираше состојбита.

Кои настани му претходеа на „Куманово“? Тие се случија три месеци по првото објавување на „бомбите“ од незаконското прислушкување на комуникациите на над 20.000 граѓани, и по почетокот на масовни граѓански протести. На 21.04.2015 година се случи и напад на македонската караула Гошинце, при што од неа беше одземено поголемо количество оружје и муниција. Беше утврдено дека дел од тоа оружје и муниција биле користени од вооружената група од Косово која ги нападна македонските безбедносни сили во Куманово.

Повеќе:

-Tри години по малата војна: Диво насеље - питомо, мотивите матни!

-Седум казни доживотен затвор за „Диво насеље“

-Македонија: Две години од Диво насеље

Само два дена по настаните во Куманово, на 12-ти мај 2015 година, тогашниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, си поднесе оставка на функцијата што ја извршуваше уште од 29-ти август 2006 година. Оставки си поднесоа и министерите за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.

„Позицијата што ми беше доверена ја извршував патриотски и одговорно, пред се во интерес на земјата и граѓаните, и секогаш смело и одлучно пристапував кон секоја задача. Дел од тие успеси беа и вистински мит во разговорите меѓу граѓаните, и ги говореа со гордост (...) Секогаш ќе бидам во првите борбени редови кога тоа ќе биде потребно за татковината“, напиша Мијалков, објаснувајќи дека оставката ја поднесува „за да помогне во надминување на политичката криза, која ја наметнала опозицијата со своето недржавничко однесување“.

Тогашната опозиција сега е власт, а Мијалков меѓудругото е обвинет и за „Таргет-тврдина“ - капиталното дело на СЈО, кое треба да го расветли незаконското следење на комуникациите. Четири години подоцна кумановско „Диво насеље“ е мирно и со вообичаена рутина на секојдневието. Растат обновените објекти, но и дрвцата што таму лани ги засадија амбасадори на земји членки на ЕУ, во име на мирот и соживотот.

Ништо ново за „Диво насеље“  

Во дводневната престрелка животот го изгубија осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група, и ранети најмалку 40 лица. Во судскиот процес за „Диво насеље“ осудени се 37 лица на вкупно 746 години затвор. Од нив, 7 добија доживотни затворски казни, 13 по 40 години затвор, 6 по 20 години затворска казна, а другите со 18 или помалку години. Иако се најавуваше дека е можно тој случај да го преземе СЈО, обвинителката Катица Јанева изјави дека досега не пронашле „бомби“ за овој предмет. 

Mazedonien nach den Kämpfen in Kumanovo Trauer
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„СЈО нема најдено разговори за да може да воспостави надлежност врз тој предмет. Се работи предистрага, но ќе биде многу тешко да се каже дали воопшто ќе се преземе тој предмет“, рече Јанева. 

Имаше и политички најави дека ќе спроведе меѓународна истрага за случајот, но тоа не се рализираше.

Под мотото „Против двојни стандарди и против дискриминација и сегрегација на Албанците“ денеска во 13 часот протест ќе организира Здружението на политички затвореници заедно со Советот на семејства на лица кои се затворени со строги казни, вклучувајќи ги оние од  групата во „Диво Насеље“.