1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помирување и мир

2 август 2004

Германскиот канцелар Герхард Шредер вчера во главниот град на Полска во говорот по повод 60-годишнината од варшавското востание, јасно ги одби барањата на германските поранешни сопственици за обесштетување од страна на Полска.

https://p.dw.com/p/AcM3
Шредер со ветераните на варшавското востание
Шредер со ветераните на варшавското востаниеФотографија: AP

Сојузната влада ќе се спротивстави на таквите барања и тоа и пред кој и да е меѓународен суд. Тој ги подвлече добрите односи меѓу Германија и Полска и нивното значење за Европа. Шредер е првиот германски канцелар што беше поканет да учествува на одбележувањето по повод 1 август 1944 година.

Заедничката одговорност на Германија и Полска за Европа не смее да биде ставена под прашалник од неразумни во Германија, изјави Шредер по повод барањата на Пруски тројханд. Оваа организација која ги застапува барањата за старите имоти најави дека во краен случај ќе побара помош од Европскиот врховен суд. Шредер ги одби и плановите на сојузот на протераните во Берлин да формираат Центар против протерувањата:

“Нашата заедничка одгвоорност за слободна и просперитетна Европа не смее да биде додведена во прашање од неразумни луѓе во Германија. Тоа се однесува како на оние што мислат дека во Германија мора да се изгради центар против протерувањата, така и оние што мислат дека сега треба да постават индивидуални барања до Полска. Сојузната влада ќе настапи против таквите барања и тоа јасно ќе го стави на знаење и пред меѓународни судови“, изјави Шредер.

Германскиот канцелар исто така подвлече:

“Ние Германците точно знаеме кој ја започна војната и кој беше првата жртва. Оттаму денес во Германија не може да има место за реститутивни барања што ќе превртат историјата. Прашањата на имотите поврзани со Втората светска војна веќе не се тема во германско-полските односи“.

“Поради злосторствата на нацистичките трупи ние денес се срамиме. Тие во 1939 година ја нападнаа Полска, а по востанието од 1944 година стара Варшава ја претворија во прав и пепел. Неброени полски жени и мажи и нивните деца беа убиени или одвлечени во логори или на принудна работа. На ова место на полската гордост и не германската срамота ние се надеваме на помирување и мир“, подвлече германскиот канцелар Герхард Шредер во говорот во Варшава. На одбележувањето на 60-годишнината од востанието присуствуваше и американсиот министер за надворешни работи Колин Пауел кој истакна дека САД никогаш веќе нема да ја остават Полска сама:

“Полска сега е слободна и независна држава која е цврсто вкоренета во важни алијанси: како членка на Европската унија и на НАТО. САД имаат најдобри можни односи со Полска. Таа никогаш нема да биде повторно оставена сама како што се случи пред 60 години“ рече американскиот министер Пауел.