1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Понуда која Дачиќ не можеше да ја одбие

Ивица Петровиќ/ Александра Трајковска28 јуни 2012

Што беше пресудно Дачиќ да стане мандатар на новата влада? Каква е улогата на Млаѓан Динкиќ, а каква на т.н. „руски фактор“? Дали е ова крај на политичката кариера на Тадиќ и што може да очекуваат граѓаните на Србија?

https://p.dw.com/p/15NY9
Фотографија: A.Jevtovic

Лидерот на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ побара од претседателот на Србија Томислав Николиќ мандат за состав на новата српска влада. Неговите амбиции и победата на Николиќ го условија пропаѓањето на преговорите со Демократската партија.

По повеќедневни преговори со Демократската партија на Борис Тадиќ, кој требаше да стане нов српски премиер, Ивица Дачиќ, својата коалиција ја сврте на сосема друга страна и самиот доби мандат за состав на нова влада. Новата владејачка коалиција треба да ја составуваат освен Социјалистичката партија на Србија, Српската напредна партија и партијата Обединети региони на Србија. Според првичните сознанија, оваа коалиција би требало да има 129 пратеничи места, од вкупно 250, но не е исклучено да и’ се приклучат уште некои независни пратеници.

Tomislav Nikolic Serbien Belgrad
Новиот претседател на Србија Томислав НиколиќФотографија: picture-alliance/dpa

Непристојна понуда за Дачиќ

Невен Цветичанин од Институтот за општествени науки, смета дека станува збор за релативно едноставни мотиви кои го натерале Ивица Дачиќ да премине на другата страна по сите преговори со Демократската партија: „Мислам дека најпрво пресудно беше што, математички погледнато, на другата страна ќе добие многу, многу повеќе отколку во преговорите со Демократската партија. Значи, просто доби непристојна понуда, која тешко може да се одбие“.

Неуништивиот Млаѓан Динкиќ

Најавите кои деновиве се слушнаа во јавноста говорат дека лидерот на партијата Обединети региони Србија Млаѓан Динкиќ би требало да ги добие најважните економски ресори во новата влада. Цветичанин оценува дека тоа ќе го постави Динкиќ многу високо во новата политичка хиерархија.

„Тоа би значело дека фактички премиер на таа влада е Млаѓан Динкиќ. Значи Ивица Дачиќ би бил официјално премиер, но неофицијален премиер на така составена влада би бил Динкиќ, едноставно затоа што кај него би бил и колачот и ножот со кој се дели тој колач, односно јавните финасии. Во краен случај тој би одлучувал колку ќе му следува на секое министерство или на секоја општествена потреба. Тоа овој политичар, без оглед што мислиме за него, навистина го прави, слободно може да се каже, неуништив во политичкиот живот на Србија“.

Mladjan Dinkic
Млаѓан Динкиќ ќе ги води финансиите!?Фотографија: AP

Руски фактор?

Додека траеја преговорите за нова влада, се забележа дека рускиот фактор овој пат играше поголема улога зад кулисите на тие преговори. Невен Цветичанин сепак смета дека не може да се каже дека изборот на Дачиќ за премиер е некој вид победа на Москва над Брисел, оти Србија има многу тесен простор за водење надворешна политика.

„Можеби зад составувањето на оваа влада стои извесна финансиска инјекција која евентуално би дошла од Русија. Но, дури и да е точно, Србија е во таква позиција да мора да води урамнотежена надворешна полтиика“.

На крајот произлегува дека клучниот предуслов кој доведе до ваква влада е победата на Томислав Николиќ на претседателските избори, оценува за ДВ Владан Марјановиќ, уредник на рубриката за надворешна политика во магазинот НИН: „Ова се разбира е голем успех за социјалистите, но прашање е што останатите ќе имаат од тоа. Мислам дека Дачиќ ќе има доволно време и да се покае за овој потег, оти овој пат очигледно реши да ја задоволи својата огромна амбиција, а не да почека да ја задоволи амбицијата во, за него, подобри околности. Реши сега да го земе она што му е на дофат на рака и оваа влада е резултат на таа амбиција“.

Крај на политичката кариера на Тадиќ?

Демократската партија по ваквиот развој заминува во опозиција. Владан Марјановиќ смета дека тоа можеби и не е лошо за самата партија, но ќе биде голем удар за Борис Тадиќ. „Тој, значи, откако се изигра и непотребно излезе на претседателски избори, кои ги загуби, сега останува и без премиерската функција и има особено лоша и слаба позиција во паријата. И не гледам како на подолг рок може да опстане на таа позиција“.

Ivica Dacic und Boris Tadic
Ивица Дачиќ и Борис ТадиќФотографија: AP

Граѓаните на Србија од ваквиот состав на владата не може да очекуваат драстични промени, смета Марјановиќ. Економската ситуација е катастрофална и која е да комбинација на партии на власт, нема да ја подобри во догледно време, прогнозира Марјановиќ.