1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пописот започна со затворениците и дијаспората

ДТЗ
1 март 2021

Со првата фаза од пописот пристигнаа и првите проблеми. Апликацијата за попис на дијаспората извесен период не функционираше, но подоцна се врати во живот. Се попишуваат затворениците.

https://p.dw.com/p/3q3ir
Screenshot Webseite Volkszählung in Nord-Mazedonien 2021
Фотографија: popis2021.stat.gov.mk

Осудените и притворените лица во Казнено-поправната установа К’шање во Куманово, изутринава беа меѓу првите коишто ја имаа шансата да се попишат, со што официјално започна првата фаза од обемната статистичка операција во земјата. Во текот на денот над 200 притворени и осудени лица се очекува да ја поминат процедурата. Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски најавува дека во наредните 2 недели ќе бидат попишани 2.200 осудени и притворени лица во земјата.

Во среда е планирано да се спроведе и пописот на бездомниците во пунктот во Момин Поток. Во текот на наредните денови, се до 15 март, низ процедурата ќе можат да ја поминат и војниците коишто се на шестмесечни мисии во странство. Од АРМ велат дека до сите нив ќе биде испратено известување за постапката за самопопишување. Во план е во првата фаза од статистичката операција да бидат опфатени и вработените во дипломатските и конзуларните претставништва. Ќе може да се самопопишат и македонските државјани кои престојуваат во странство поради работа или други лични причини подолго од 12 месеци. Попишувањето на оваа категорија ќе трае до 21 април. 

Проблеми со апликацијата 

Лични податоци, матичен број, место на живеење, кога се отселиле, која им била последна адреса во Северна Македонија, каде престојувале, колкумина во семејството се македонски државјани, етничката и религиска припадност, дали поседуваат странско државјанство, кога последен пат биле во Северна Македонија, колку често доаѓаат на посета. Ова се само дел од прашањата на коишто ќе треба да одговорат лицата кои се опфатени со првата фаза од пописот. 
Процесот ќе се одвива преку интернет-апликација, достапна исклучиво од странство. Но, иселениците се жалат дека апликацијата не работи.
„Се обидуваме на сите линкови кои беа наведени на страницата на МНР, но ниту еден не работи изутринава“, вели македонски државјанин, кој веќе 20 години е заминат од земјата, а последниве години живее и работи во Германија. 

Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Лични податоци, матичен број, место на живеење, кога се отселиле, која им била последна адреса во Северна Македонија... се дел од податоците кои иселениците треба да ги пополнатФотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

-повеќе на темата: Еден попис - триста дилеми

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски објаснува дека станува збор за технички проблем со интернетот, што предизвикало апликацијата да не биде достапна на првиот ден од пописот. Тој вели дека проблемот е веќе надминат и пописот и на лицата но земјава, но и во странство може да се одвива непречено. 
Станува збор за линковите за самопопишување, коишто беа објавени во пресрет на започнувањето на пописот, кои водат во пописната апликација:
•   https://www.stat.gov.mk/
•   https://popis2021.stat.gov.mk/default.aspx
•   https://census.stat.gov.mk/
„Процесот на самопопишување ќе се спроведува преку веб-апликација која е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на Р. С. Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата е-маил адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен“, велат надлежните. 
Но, изутринава ниту една од веб-страниците коишто водат до апликацијата за попишување на функционираа, па многумина беа пронудени да проверуваат по неколкупати. Коментираат дека ќе пробаат повторно деновиве, кога ќе се надмине настанатиот проблем. Веќе во попладневните часови апликацијата сепак проработи. 

Најава само од странство

Заинтересираните граѓани можат да се самопопишат следејќи го видеото и  упатствата објавени на повеќе интернет страници. Притоа треба да се има предвид дека најавата/регистрацијата за самопопишувањето се врши само од странство, а клучот за самопопишувањето е Единствениот матичен број на граѓанинот - ЕМБГ  на лицето кое се попишува  и неговата електронска адреса.

-повеќе на темата: Попис со врзан потпис

По успешното најавување / регистрација, преку имејл порака, лицето се известува за лозинката на која треба да се повика за да може да започне со  самопопишувањето. По добивањето на верификацискиот код, пожелно е тој да се промени, т.е да се креира нова лозинка. По успешното логирање, може да се стартува со самопопишувањето, а апликацијата овозможува тоа да биде направено со избор на еден од осумте понудени јазици, по избор на лицето кое се самопопишува. Пописната апликацијата има седум (екрани) страни. 
Најавите на надлежните беа дека информациите за пописот ќе се споделуваат преку дипломатско-конзуларните претставништва, како и преку контакти со здруженија на граѓани, верски здруженија, здруженија на студенти што делуваат во и надвор од границите на С. Македонија. Според надлежните, тие податоци се битни за да се добие слика за бројот на лицата кои се отселиле, како и сознанија за нивната возрасна, образовна и економска структура, од каде се иселиле и во кој период. 

-повеќе на темата: Ќе покаже ли пописот колку луѓе се иселени од Македонија

Министерството за надворешни работи отвори и телефонски и линии на кои може да се пристапи и директно и преку апликациите за интернет комуницирање:  
075 268 732 (редовна линија, Viber, WhatsApp)
075 268 734 (редовна линија, Viber, WhatsApp)
075 268 745 (редовна линија, Viber, WhatsApp).
Од дијаспората забележуваат дека изминатиов период не добиле никакво известување за пописот, ниту пак упатства за неговото спроведување. Особено забуна има кај оние коишто се уште се водат како државјани на Северна Македонија, а во странство се поради дошколување или поради професионален ангажман. 

„Да се попишам“ или „да се потпишам“

Додека трае првата фаза од пописот, опозицијата паралелно спроведува друга кампања - за собирање потписи за одложување на пописот.  ВМРО-ДПМНЕ тврди дека за 8 дена собрале 100.000 потписи против политички попис во С. Македонија. „И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена 100.000 граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел. Граѓаните одлучија, не сакаат политички попис, сакаат попис како статистичка операција, што точно ќе може да ја насочи Република Македонија во која насока да се развива“, изјави генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски
Според него, ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници, поддржана од над 100.000 граѓани, ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на законот за попис. Во истовреме, партискиот лидер Христијан Мицковски ја повика дијаспората масовно да се пријавува за пописот. 
И вицепремиерот, Артан Груби, на Фејсбук ги повика иселениците Албанци да се мобилизираат и да се самопопишат во што поголем број. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема