1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски бара преговори со ЕУ

5 март 2012

Шефот на македонската дипломатија на состанокот со ЕУ-амбасадорите во Скопје апелира за вреднување според заслуги во процесот на евроинтеграции

https://p.dw.com/p/14FJo
Никола ПопоскиФотографија: AP

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски денеска соопшти дека приоритет за земјата е членство во НАТО и во ЕУ.
„Тоа ни дава определена сигурност, им дава позитивен сигнал на инвеститорите и ќе ни овозможи на подолг рок да се справуваме со одредени прашања, и сето тоа без да имаме никакви илузии дека членството решава се’“, изјави Попоски.
Во однос на спорот за името, Попоски оцени дека Грција во моментот „е тотално преплавена со должничката криза“.
„Грција објективно нема никаков интерес да ја држи Македонија надвор од НАТО и од ЕУ, мотивацијата е главно на база на инерција и не можат да излезат од замката во која се навлезени“, смета Попоски.

Тој утрото побара поддршка за што поскоро започнување на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија од амбасадорите на земјите-членки унијата во земјата.
Апелираше перспективата за членство во ЕУ за земјите од регионот да се одржува силна, визибилна и кредибилна, посочувајќи дека од суштинско значење за тоа е доследно да се почитува принципот на вреднување според заслуги и на земјите аспиранти кои испорачале напредок во исполнувањето на копенхашките критериуми.
Осврнувајќи се на најавениот старт на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и унијата, Попоски изрази очекување дека тоа ќе го динамизира напредокот на земјата.
“Очекуваме Пристапниот дијалог да ја подигне видливоста на перспективата за членство на Македонија во ЕУ и да придонесе за динамизирање на напредокот на нашата држава во пристапниот процес“, рече Попоски пред амбасадорите.
Пристапниот дијалог во оваа фаза ќе се фокусира на пет тематски области: владеење на правото, реформа на јавната администрација, слобода на изразување и медиуми, реформа на изборниот процес и економски критериуми за функционална пазарна економија. Предвидено е да се одвива на две нивоа – на високо политичко ниво, под ко-претседателство на премиерот Никола Груевски и комесарот Штефан Фуле, како и на експертско ниво.

Автор: СН/макфакс
Редактор: Б.Георгиевски

Nikola Gruevski und Stefan Füle in Brüssel
Никола Груевски и Штефан ФилеФотографија: MIA