1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски навести дека се очекува ново вето од Грција

AT/ миа 27 мај 2013

Шефот на македонската дипломатија по разговорот со директорот на Директоратот за проширување на ЕУ навести дека се очекува натамошна блокада од Грција за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

https://p.dw.com/p/18ecO
Фотографија: MIA

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и директорот на Директоратот за проширување на Унијата, Стефано Санино, денеска одржаа средба во Брисел. Шефот на македонската дипломатија, по завршувањето на состанокот, во изјава за агенцијата МИА го потврди она во што се сигурни Македонија и неформалната влада на ЕУ која пет години по ред дава позитивни препораки за старт на преговорите со Македонија.

„Носењето на одлуката за почеток на преговори за нас е многу јасна, а и очекувањата на Комисијата се на иста линија. Извесно е дека Република Македонија долг временски период заслужува да ги почне преговорите и исто толку е извесно дека Република Грција не е подготвена за поддршка, а без нејзина поддршка тоа не може да се случи“, истакна Попоски, потсетувајќи дека пред десет години е дадено ветувањето за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.

Тој смета дека одговорноста колку што е на страна на земјите-кандидати, толку е и на страна на земјите-членки за да се задржи кредибилитетот на овој процес.

Nikola Poposki
Никола ПопоскиФотографија: DW

„Од наша страна е значајно да го задржиме фокусот на оние неколку полиња, особено владеењето на правото каде подолг временски период ќе ни требаат реформи кои се најзначајни за земјите-членки да ја поддржат секоја одлука што ќе следи во периодот кој доаѓа“, констатира македонскиот министер за надворешни работи.

Според Попоски, на средбата со Санино најмногу разговарале за следниот период и како на најдобар начин Македонија да го искористи за натамошно придвижување на процесот. Притоа, во најголем дел се разговарало за реформите врз кои е заснован Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и што уште може земјата да стори во тој дел.

Средба на Ештон со министрите за надворешни работи

Во рамки на посетата на Брисел, Попоски вечерва ќе присуствува на традиционалната вечера на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ плус министрите од земјите-кандидати.

Според Попоски, на оваа вечера шефовите на дипломатиите ќе се осврнат на сите приоритети кои се видливи на ниво на Унијата, безбедносните прашања, предизвиците на домашна сцена, како и тоа што ЕУ може и во овие кризни периоди да даде дополнителна динамика на европската агенда и да биде над националните.