1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Популизмот ги храни сипаниците

5 јануари 2019

Во ерата кога индивидуалноста е крал, сомнежите во вакцините се важен дел од недовербата во системот. Во Македонија сега не се верува речиси во ништо и науката е ставена во графата на голем сомнеж.

https://p.dw.com/p/3B2Lu
Masern Kind mit Masern
Фотографија: picture-alliance/Keystone/U. Flueeler

И една смрт од сипаници е премногу. Во регионов, во Европа. Македонија има извонредна среќа што не се случила таква трагедија и што ширењето на заразата во неколку места заврши само со тешки клинички слики на заболените деца. Последнава тревога во Скопје исплаши многумина – во прв ред, здравствените власти, затоа што евентуален трагичен исход дополнително ќе ја вознемири и така деранжираната јавност. И главната вина ќе се префрли врз нив, бидејќи не успеале да ја запрат или да ја спречат заразата. Потоа, исплаши многу родители кои не ги биле вакцинирале децата и ги натера да заминат во поликлиниките и за само една минута да ја намалат големата загриженост за своите чеда. Ги исплаши и оние родители чии деца се вакцинирани, а не се ослободени од сомнежите дека и покрај заштитата тие можат да бидат подложни на заразата. За некого целата оваа тревога изгледа и претерана, како некаква политичка агенда.

Забраната за примање на невакцинираните деца во градинките изгледа како дискриминаторска мерка (најавата на министерот за здравство, Венко Филипче, дека таквите деца не ќе можат да одат ни на училиште оди уште три чекори понатаму во таа дискриминација). Прашање е дали Филипче може да се справи со широкото антивакцинално лоби без вакви драконски мерки и дали требаше да дојде заканата од епидемија за да се покрене здравствената машинерија која ќе им ги објаснува на родителите сите опасности од опасната болест, какви што се сипаниците. Додека во Македонија постојано се ширеше недовербата во вакцинацијата преку социјалните мрежи (ниту една партија не објави никаков сомнеж кон достигнувањата на науката), додека десетици илјади родители повеќе им веруваат на опскурните приказни без реални потврди за големата опасност од имунизацијата, додека текстови за големата конспирација на глобалните фармацевтски концерни се ширеа како пожар преку интернет и се претвораа во докази за кои сомничавите вооопшто и не сакаа да расправаат, овдешните здравствени власти последниве 7-8 години тоа го гледаа немо, очекувајќи таа врева да почне да стивнува во еден момент. Тоа беше нивната капитална грешка – токму верувањето во штетноста на вакцините против сипаници се ширеше како зараза. За сега преку ноќ да се преземаат драконски мерки.

Guatemala Impfung gegen Masern
Фотографија: Ministerio de Salud Pública y Asistencia Social - Guatemala

Крајот на епидемијата не е крај на заблудите

Оние родители кои не сакаат да ги вакцинираат своите деца не мислат дека прават нешто лошо, тие едноставно не му веруваат на здравствениот систем, кој со децении се корумпираше, беше девастиран од погрешното управување а стручноста на лекарската фела паѓаше од година во година. Всушност, ситуацијата во здравството не стана во ништо поинаква од падот во другите области на општеството. Само што таму станува збор за базичниот страв кај секој човек – неговото здравје и здравјето на неговите деца.    

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Под мостовите на Дунав

-Скопје без смог - тоа сега е незамисливо

-Озлогласените

Филипче вели дека се очекува оваа епидемија да заврши за две недели. Но ќе погреши многу ако помисли дека крајот на епидемијата ќе стави крај на заблудите. На недоверливите родители треба со добро промислена кампања заснована само на факти и медицински докази да им се предочи вистината за да се победи фикцијата на стравот и лажните приказни. Прво и најважно – дека вакцините што се увезуваат се најдобрите и дека во нив нема никаква причина за сомнеж. Има многу приказни дека вакцините биле набавувани од ваму или оттаму (на пример, често се споменува Бугарија како сомнително место на потекло, на недоверба. А во исто време многу од тие луѓе полни со недоверба одат токму во Бугарија да бараат помош за некој болен во семејството или оттаму купуваат бројни лекови, верувајќи дека тамошниот здравствен и фармацевтски систем е на повисоко ниво од македонскиот). Фактот дека вакцините што сега се имплементираат се набавени во Белгија треба да ги смири недоверливите родители.

Но тоа е само првиот важен чекор. Другите се исто така многу важни. Со нив треба да се разбијат митовите. Најважниот од нив е дека МРП вакцината може да предизвика аутизам кај децата. Медицинската наука во десетина големи студии не најде поврзаност меѓу аутизмот и вакцините. Причините за појавувањето на аутизмот до денес остануваат мистерија. Неколку студии покажуваат дека првите симптоми кај таквите деца се појавуваат уште во матката, пред бебето да биде родено. Антивакциналното лоби се храни од приказните дека вакцините содржат токсични материи – жива, алуминиум и формалдехид. Добро конципирано објаснување треба на недоверливите да им ги соопшти на едноставен начин дека нашето тело низ метаболичкиот систем произведува поголеми нивоа од овие хемикалии отколку вакцините. Но тоа треба да се објасни, а не да се зборува во општи флоскули. 

Infektion - Kind mit Masern
Фотографија: Colourbox

Како што лекарите треба да објаснат дека имунолошкиот систем на детето е многу добро развиен и дека приказните дека не можат да прими толку вакцини за кусо време се лажни. Науката веќе има докажано дека врз основа на бројот на антителата во крвта едно бебе теоретски има способност да одговори на 10.000 вакцини во исто време. Што значи и сите 14 предвидени вакцини да се дадат наеднаш тие ќе искористат само 0,1 отсто од имунолошкиот систем на бебето. Но тоа треба да се објасни, како и фактот дека не можеш целосно да се потпреш на природниот имунитет за да се заштитиш. Тоа е многу лош облог на долг период. Податоците кои се верификувани покажуваат дека тешки алергиски реакции по примањето на МРП се помали од еден на 1.000.000.

Но овие факти треба да се објаснат. Како и фактите дека сипаниците убиваат деца – и возрасни – во Европа. Во минатата година имаше 72 смртни случаи во Европа (двојно повеќе од 2017), а податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека биле заболени дури 60.000 луѓе, што е најмногу во последниве 20 години. А СЗО и ЕУ пред повеќе години поставија цел до 2020 целосно да ги искоренат сипаниците од континентот.

Моќно политичко оружје

Некои се обидуваат најголемиот дел од вината да ја префрлат врз еден човек – поранешниот гастроентерологот Ендрју Вејкфилд, кој во 1998 година во познатото медицинско списание „Лансет“ објави студија во која тврдеше дека кај осум деца нашол поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот. Тоа беше катапултот за антивакциналното лоби, кое почна да се шири како зараза, иако подоцна беше докажано дека Вејкфилд ги фалсификувал приказните на наговор на своите адвокати за да може да добие подобар договор со една фармацевтска компанија. Подоцна, „Лансет“ ја повелече студијата како никогаш да не била објавена, Вејкфилд беше исклучен од британската лекарска комора, а тој замина во САД да ги продава истите приказни. Уште за време на претседателската кампања Доналд Трамп се нареди со вакциналните скептици, раскажувајќи приказна за двегодишно девојче кое „добило“ аутизам две недели откако ја примило МРП вакцината. Трамп потоа го покани дискредитираниот Вејкфилд на неговиот инаугуративен бал.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Стравот од вакцините стана моќно политичко оружје на популистите во Европа. Во Франција 11 вакцини се задолжителни за сите деца, но Марин Лепен и нејзината крајнодесничарска партија водат кампања за право на луѓето да кажат не на вакцинацијата. Нејзината кампања придонесе сериозно да се намали бројот на вакцинираните и да расте бројот на заболените и на смртните случаи. Во Италија крајнолевечарските популисти од Движењето 5 ѕвезди уште во 2015 година предложија промена на законот за вакцинација, наведувајќи дека има „врска меѓу вакцините и специфичните болести како леукемија, труење, запаленијата, имунодепресијата, генетските мутации, ракот, аутизмот и алергиите“. Откако популистите победија на изборите, благодарение и на приказните за ваквите заговори, владата малку закочи со овие тврдења. Но онаму каде што е бастионот на другиот партнер во владата, крајнодесничарската Лига, во најбогатите региони на северна Италија, дојде до епидемија на сипаници. И смртни случаи. Се покажа дека некои од лекарите ги охрабрувале родителите да не ги вакцинираат своите деца, бидејќи нивните организми ќе можеле сами да се справат со заразата.

Во Полска една мала но многу гласна група политичари се борат да му стават крај на задолжителното вакцинирање. Тие се главно собрани околу „антисистемската“ партија Кукиз 15, бараат да се почитува „изборот на родителите“ и тврдат дека лекарите се дел од заговорот, бидејќи примале големи пари од фармацевтските компании да молчат за страничните ефекти на вакцинацијата.

Митовите се шират, фактите се неумоливи

Европскиот комесар за здравство, Витенис Андриукаитис, поранешен кардиохирург, ги обвини популистите од крајната десница за неодговорност, за ширење лажни вести околу безбедноста на вакцините за да создадат клима на сомнеж и да остварат политичка добивка. „Незамисливо е дека сега имаме смртни случаи поради сипаници – деца умираат од сипаници. Тоа е многу опасно. Мојата порака е многу едноставна – избрани се многу антивакцинални политичари во парламентите и во некои влади. Дали граѓаните се подготвени да ги следат нивните одлуки базирани врз лажни вести или одлуки базирани врз докази?“

Прашање е колку луѓе во Европа ги слушаат овие тврдења на европскиот комесар Андриукаитис. Неговите ставови се појавуваат во весниците, каде што веќе исчезнаа текстовите во кои се тврди дека вакцините предизвикуваат аутизам. Ставовите на познатите научници кои се обидуваат да ги разбијат теориите за заговор и да докажат дека вакцините се безбедни да одекнуваат во празно. Бидејќи глобалната мрежа на сомнежи се шири онлајн. Главни виновници во тие теории се големите фармацевски компании и поради нивниот интерес за големи профити не треба да им се верува и да им се предаваат телата на децата. Така мислат антивакцинерите.

Епидемија на сипаници

Фактите, пак, се неумоливи. Сипаниците, според дефиницијата на СЗО, се многу сериозна болест. Не значи дека кога едно дете ќе се зарази дека тоа и ќе умре. Но нежното дете кога ќе стане возрасен човек ќе ги носи последиците од заразата во неговиот имунолошки систем па ќе биде поподложни на смртен случај во некои други инфекции.  

Имунизацијата е едно од најголемите научни достигнувања кое ги стабилизира општествата и ја заврсти нивната социјална компактност. Но сега дојде ерата кога индивидуалноста е крал, а недовербата во авторитетите е водилка. Сомнежите во вакцините се важен дел од недовербата во системот. Во време кога во Македонија не се верува речиси во ништо и науката е ставена во графата на голем сомнеж. Тоа е дел од истиот европски антисистемски популистички бран, само што овде не е политички артикулиран. Но затоа функционира преку лоби групи, каде родителите одлучуваат за здравјето на нивните деца врз основа на митови, прераскажани приказни и непроверени факти. Прашање за секој од нив е што ќе се случи ако еден ден, во некоја ситуација, децата ги обвинат загрижените родители за погрешни постапки. Тоа е драма која никој не сака да му се случи.

Галерија на слична тема:

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар