1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попушта сајбер-конфликтот меѓу САД и Кина?

ЕМФ/дв2 јуни 2013

САД и Кина досега се обвинуваа меѓусебно за хакерски напади и индустриска шпионажа. Сега Вашингтон и Пекинг сакаат оваа тема да ја стават на дневен ред на редовните билатерални средби.

https://p.dw.com/p/18iUc
Фотографија: picture-alliance/dpa

САД и Кина, според извештај на весникот „Њујорк Тајмс“, во иднина ќе водат редовно разговори на високо ниво околу сајбер-безбедноста и индустриската шпионажа. Средбите би требало да почнат во јули, наведува весникот. Тоа се смета за дипломатски обид за намалување на тензиите меѓу двете земји. Тензиите, како што тврди Вашингтон, се создадени поради кинески хакерски напади и крадење владини тајни и тајни на фирми.

Вашингтон претпоставува дека зад нападите стои Кина, додека Пекинг објаснува дека и самиот е жртва на хакерски напади. Вчера (01.06) американскиот министер за одбрана Чак Хејгел ја критикуваше Кина поради постојани сајбер-напади врз институции на САД. Земјата стои зад долга низа сајбер-напади и саботажи, изјави Хејгел за време на посетата на Сингапур. Кинеските сајбер-напади станаа сериозен воен проблем и мора да се разјаснат итно, нагласи Хејгел.

USA Verteidigunsminister Chuck Hagel
Чак Хејгел во СингапурФотографија: Reuters

Хакерските напади треба да бидат една од централните теми на неформалната средба на американскиот претседател Барак Обама и кинескиот претседател Ши Џинпинг во Калифорнија, што ќе се одржи в петок (07.06), тврди „Њујорк Тајмс“. Друга важна тема за разговор е Северна Кореја и нејзината атомска програма, која ги загрижува не само САД и Јужна Кореја, туку на тоа критички гледа и Кина.