1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема веќе Дуинг бизнис

ДТЗ
17 септември 2021

По пријавените нерегуларности и ревизијата на извештаите, Светска банка стави крај на изработката на овој извештај за бизнис климата во државите.

https://p.dw.com/p/40RR9
Zentrale Weltbank Washington D.C.
Фотографија: AFP/Getty Images/E. Baradat

Светска банка одлучи да стави крај на објавувањето на извештајот Дуинг бизнис, поради откриени неправилности во работењето. Групацијата на Светска банка денеска објави дека довербата во ова истражување е од витално значење, коешто беше прекинато откако беа пријавени нерегуларности во јуни минатата година. Забелешките се однесуваа на извештаите во 2018 и 2020 година, по што менаџментот на Светска банка го прекина следниот извештај Дуинг бизнис и иницираше серија прегледи и прегледи на извештајот и неговата методологија. Во медиумите се појавија информации дека ревизијата се покренува најмногу поради укажувања за лажирање на податоците во полза на Русија, Кина, Саудиска Арабија, Азербејџан…

„Покрај тоа, бидејќи внатрешните извештаи покренаа етички прашања, вклучително и за однесување на поранешни службеници на Одборот, како и сегашни и/или поранешни вработени во Банката, раководството ги пријави наводите до соодветните внатрешни механизми за отчетност на Банката“, се вели во соопштението, во кое се додава дека ова значи крај за Диунг бизнис.

„Одиме напред, ќе работиме на нов пристап за проценка на деловната и инвестициската клима. Ние сме длабоко благодарни на напорите на многуте членови на персоналот кои работеа вредно за да ја унапредат агендата за деловна клима и со нетрпение очекуваме да ги искористиме нивните енергии и способности на нови начини“, најавуваат од Светска банка.  

Главен адут на Груевски 

Извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка беше еден од главните елементи во кампањите на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој се користеше како еден од главните адути за да се придобијат гласовите на  гласачите, но се користеше и како мамка за странските инвеститори.

Ungarn Budapest Nikola Gruevski früherer Ministerpräsident Mazedonien
Никола ГруевскиФотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Овој извештај голем број земји,како и Македонија, го користеа за да ги покажат компаративните предности за водење бизнис во нивните во однос на други земји.   

Покрај спорните извештаи коишто ги споменува Светска банка, проверки биле вршени и на извештаите во изминатите пет години, кога Северна Македонија можеше да се пофали со добри резултати. Па така, на пример извештајот на „Дуинг бизнис“ во 2015 година ја рангираше Македонија највисоко во регионот. Земјата беше на 12-то место глобално рангирана од 189 економии во светот. 

Банкарите тогаш пресметале дека Македонија особено покажува успех во неколку сектори што го олеснуваат водењето бизнис. Земјата беше второ рангирана во областа за започнување бизнис. Во категоријата „плаќање даноци“ Македонија  беше на седмо место. Извештајот ја анализираше рамката, која ја налагаат регулативите за бизнисот на малите и средни претпријатија, односно условите во кои тие можат да започнат дејност. 

Македонија во 2019 година, според Дуинг бизнис беше рангирана на 17 место, според условите за водење бизнис во конкуренција од 190 земји. Но тоа беше пад од 7 места, со оглед на тоа дека во 2018 година беше рангирана на 10 место. Од Владата тогаш соопштија  дека тоа што земјата е рангирана на 17-то место меѓу 190 држави во светот и натаму ја прави земјата лидер во регионот. 

Сепак извештајот Дуинг Бизнис не ги мереше сите аспекти на деловното опкружување што им се важни на фирмите и на инвеститорите, како што се квалитетот на фискалното управување, другите аспекти на макроекономската стабилност, корупцијата, можноста за учество и добивање на јавните тендери и слично. 

Со одлуката за ревизија, Светска банка ги потврди сомневањата на експертската јавност околу релевантноста на извештајот, којшто се сметаше дека често креира лажна слика за вистинската бизнис-клима во државите во светот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи