1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден сака да биде претседател на САД

СН/ агенции
25 април 2019

Со месеци се шпекулираше за неговата кандидатура. Сега поранешниот американски потпретседател официјално влегува во трката за Белата куќа. Џо Бајден котира добро во анкетите, но внатрепартиската конкуренција е голема.

https://p.dw.com/p/3HPYW
USA Joe Biden Rede
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/N. Ut

Поранешниот американски потпретседател Џо Бајден денеска објави дека влегува во трката за претседател на САД на изборите во 2020 година, со што официјално им се приклучи на бројните кандидати во рамките на Демократската партија.

„Во борба сме за душата на оваа нација. Ако му дадеме на Доналд Трамп осум години во Белата куќа. тој засекогаш и во основа ќе го промени карактерот на оваа нација. Јас не можам да стојам настрана и да гледам како се случува тоа“, наведе Бајден во видеото објавено на Твитер.

Најмалку 20 кандидати ќе учествуваат во внатрепартиската битка во Демократската партија за нејзин претседателски кандидат. 76-годишниот Бајден, кој беше потпретседател на САД во времето на претседателот Барак Обама, станува фаворит во таа трка, покрај сенаторот Берни Сандерс. Бајден е четири години постар од Трамп и во случај на победа би бил најстарата личност избрана за претседател на САД. Од сите кандидати кај демократите, Бајден има најголемо меѓународно и парламентарно искуство и е една од најпознатите личности на американската политика.

US Präsident Barack Obama im Rosengarten nach Clintons Wahlniederlage
Фотографија: Picture-Alliance/dpa/M. Reynolds

Тој во испитувањата на јавното мислење има добар рејтинг кај гласачите, но Бајденовиот тим е загрижен околу неговите способности да собере пари за кампањата и неговата наклонетост да прави гафови. Неговиот центристички пристап во партијата, која за многу прашања се врти кон лево, ги доведува во прашање неговите шанси за успех. Проблем за Бајден би можеле да направат и неодамна изнесените тврдења дека допирал жени без нивна согласност.