1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посета со големи очекувања

17 март 2007

Германската канцеларка Ангела Меркел е во посета на Полска каде што вчера се сретна со премиерот на оваа земја Јарослав Качински, а одржа и говор на Универзитетот во Варшава. Потоа заедно со претседателот на државата Лех Качински отпатува на полуостровот Хела, на Балтичкото море.

https://p.dw.com/p/AbyT
Ангела и Јарослав: насемани и задоволни од првите разговори
Ангела и Јарослав: насемани и задоволни од првите разговориФотографија: AP

На почетокот од посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Полска, двете страни најнапред разменија невообичаено пријателски пораки. По првите разговори со Меркел, полскиот премиер Јарослав Качински изјави:

„Задоволен сум од текот на изминатите 30 минути. Ако целата посета мине како тие 30 минути, тогаш ќе имаме причина за задоволство„.

А, такви причини германско-полските односи во последно време не нудеа: од полска страна беше изкажано незадоволство дека Германија настапува кон Полска егоистично и непријателски. Колку што наближуваше посетата, толку растеа очекувањата дека таа може да донесе промена на атмосферата. Полскиот експерт за надворешна политика Јачек Мојковски оцени:

„Таа доаѓа овде за вистина да ја затопли климата. По нејизниот успех во Брисел каде што и успеа да ја спаси климата во целиот свет, сфаќам дека сега се концентира врз подобрување на климата во германско-полските односи„.

Во попладневното предавање на Варшавскиот универзитет, Меркел ги оправда тие очекувања и беше пријателски примена, покрај другото и затоа што нагласено ги истакна постигањата на движењето Солидарност за надминувањето на поделбата на Европа и на комунистичката диктатура:

„Без Солдиарност и мојот животен пат ќе се одвиваше сосем поинаку. Со сигурност не ќе можев денеска да стојам пред вас како сојузна канцеларка на Германија„.

Истовремено Меркел ги оспори префрлувањата на полското раководство дека Германија сака да ја релативизира историјата и да ги избрише границите меѓу извршителите и жртвите од Втората светска војна. Оние Германци што со крајот на војната го загубија својот дом, денес секако имаат право и на достоинствено сеќавање, изјави канцеларката со поглед кон германско-полската скокотлива тема поврзана со прогоните.

Таа се осврна и врз состојбата во Европската унија и на германскоот настојување да му се отвори патот на европскиот устав. Меркел нагласено предупреди од неуспех, што би значел историски пропуст. Полска инаку, им припаѓа на најтешките партнери кога станува збор за заживување на уставниот проект. Оттаму, Меркел предупреди:

„Европа никогаш не смее да дозволи да се подели. Како за економските прашања, така и на пример, и околу снабдувањето со енергија. Европа не смее да се подели ниту околу безбедносните прашања. Поделена безбедност е слаба безбедност„.

Имено, Полска најави готовност да им дозволи на Соединетите Американски Држави да инсталираат бази од ракетниот штитник, без консулттации со европските партнери. И за оваа тема, Меркел во натамошниот тек на посетата ќе разговара со претседателот на државата Лех Качински. Пред заедно да заминат во неговата резиденција на Балтичкото море, каде што медиумите немаат пристап, претседателот Качински изрази оптимизам дека набргу ќе бидат најдени решенија за да се оптимира функционалноста на Европската унија.