1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последниот нафтен бисер на Мадуро

Николас Мартин
1 февруари 2019

Социјалистичките властодржци во Каракас со години живееја добро благодарение на нафтената индустрија. Американските санкции би можеле да ги прекинат големите приходи.

https://p.dw.com/p/3CYnn
CITGO Erdölraffinerie
Фотографија: Getty Images

За владата во Каракас равенката со години беше едноставна: нафтата од Венецуела со бродски транспорт стигнува во САД. Таму компанијата Ситго ја презема робата. Сестринската фирма на државната нафтена компанија ПДВСА ја рафинира во своитерафинерии и бензинот го продава на бензинските пумпи на Ситго. Доларите се префрлаа во Каракас.

Иако САД и Венецуела од преземањето на власта од страна на Хуго Чавез во 1999 година барем реторички секогаш беа на работ кон избувнување војна, Ситго си продолжуваше со бизнисот и во Каракас „летаа” долари.

Владата на Трамп сака да стави крај на тоа. Сите бизниси на Венецуела може да продолжат, но парите ќе се префрлаат на посебни банкарски сметки кои американската влада сака да му ги направи достапни на преодниот претседател Хуан Гуаидо.

Повеќе: САД сакаат режимот на Мадуро да „искрвари“

За венецуелскиот политиколог Иво Хернандез, кој истражува во рамки на универзитетот во Минстер, таквиот чекор има историска димензија: „САД се единствениот константен извор за девизи, кратко и среднорочно тоа е голем удар за Мадуро", вели Хернандез.

Гинтер Мајхолд од фондацијата „Наука и политика” е повоздржан со оценките и вели дека сѐ „зависи од тоа кои алтернативни извори за приходи ги има Венецуела."

Претседателот Мадуро, по одлуката за санкционирање од страна на САД, е видно вознемирен. „Сакаат да ни го украдат Ситго“, обвинуваше во телевизиско обраќање Мадуро. Венецуела има намера да ја оспори одлуката пред американските судови.

USA Tankstelle von Citgo in Sulphur, Louisiana
Фотографија: Reuters/E. Munoz

Пропаст на венецуелската нафтена индустрија

Ситго постои повеќе од 100 години. Во 1980-те беше една од најголемите нафтени компании во САД. Во 1986 година ПДВСА купи половина од компанијата, а во 1990 целата.

Кој сака да го разбере значењето на Ситго за денешна Венеуела, мора да ја погледне матичната компанија. Државниот нафтен концерн со децении делуваше автономно, беше многу профитабилен и експандираше и во странство. Чавез се обидуваше со приходите од ПДВСА да ги финансира социјалните програми на земјата. Функционери и соработници на концернот со генерален штрајк кој траеше со месеци удрија контра, но сепак на крај Чавез се наметна како победник.

Галопирачка инфлација во Венецуела

„Работниците на ПДСВА се за револуцијата, а оние кои не се - нека си одат на друго место, нека си одат во Мајами", рече тогаш Чавез. Тој во 2003 година околу 18.000 штрајкувачи прогласи за државни непријатели и ги отпушти од работа.

 Критичарите во потполното преземање од страна на државата го гледаат почетокот на пропаста на венецулскиот нафтен сектор. Социјалистите полека, но сигурно се ослободуваа од меѓународните сопственици на удели во концернот: во 2010 уделот од Рур Ел ГМБХ, фирма во косопственост на Бритиш Петрол која имаше четири рафинерии во Германија, премина во рацете на рускиот нафтен концерн Роснефт.

Од некогашните 3,5 милиони барели на ден, во 1998. Венецуела падна на околу два милиони барели дневно во 2017 година. Минатата година, поради економската криза, според проценките на ОПЕК земјата извезувала само 1,2 милиони барели дневно.

Venezuela's dependency on oil ENG
Зависноста на Венецуела од нафта (извор: Светска банка, август 217 година)Фотографија: DW

Ситго е последниот извор на приходи

Ситго во рафинериите во САД, според сопствени податоци, дневно преработува околу 750 илјади барели нафта. Остатокот од нафтата оди во Русија или Кина, претпоставува политикологот и експерт за енергетика Хернандез. „Но, тие не добиваат пари, туку се пребиваат за отворени кредити."

Мадуро де факто без неговите поддржувачи во Кина, Турција, Иран и Русија не би можел да се одржи на власт. Според новински извештаи, само Кина дала меѓу 50 и 60 милијарди американски долари, кои биле вратени во нафта. Минатата година Кина, според информации на финансиската агенција Блумберг, увезувала 340 илјади барели венецуелска нафта дневно. Во Венецуела повеќе од 90 проценти од девизите се од трговијата со нафта. Како последен бисер во прекуокеанските бизниси Ситго е изворот на Мадуро за девизи. Но, и Ситго од мрежа од 14.000 бензински пумпи е паднат на околу 5000, од некогашните осум рафинерии останале само три.

Повеќе: Какви се интересите на Русија во Венецуела

Режимот на Мадуро страда од хроничен недостиг на пари, па Венецуела стави 49,9 проценти од Ситго како гаранција кај рускиот концерн Роснефт. Русија севкупно има позајмено околу 17 милијарди долари на Венецуела.

Русија и заради тоа е на страната на Венецуела и ги критикува американските санкции. Своите интереси ќе ги штителе „во рамки на меѓународната регулатива“, се вели од Кремљ.

Од Венецуела веќе нема сигурни податоци, вели експертот за Латинска Америка, Гинтер Мајхолд. „Соработката со меѓународните организации е прекината, па Венецуела не испорачува податоци."

Venezuela Präsident Maduro mit Rosneft-Präsident Igor Sechin
Венецуелскиот престедател Николас Мадуро со престедателот на „Роснефт“, Игор СечинФотографија: picture-alliance/dpa/Prensa Miraflores

Венецуела нема алтернативи

Гинтер Мајхолд во постапките на САД препознава правни проблеми. „Сопственичките релации не може едноставно да се изостават од предвид, тоа би противречело на светската и американската економија.“

Џон Болтон, советникот на Трамп за национална безбедност, сака да замрзне седум милијарди долари на Венецуела. Преку нафтениот бизнис би можеле во текот на годинава да се соберат дополнителни 11 милијарди. Ако САД навистина го направат тоа, Венецуела би можела да прекине со дотур на нафта за Ситго. Но, ни тоа нема да помогне за кратко или среднорочно да се обезбедат нови извори на приходи, вели Хернандез. Има повеќе видови на нафта отколку парфеми на светов, „рафинериите се врзани за одредени видови нафта", вели венецуелскиот научник.

Колку брзо венецуелската влада ќе може да најде нови извори на девизи зависи од тоа дали сојузниците во странство и натаму ќе останат верни на Мадуро. Финансиските пазари се скептични по тоа прашање и сметаат дека Мадуро нема да може уште долго да се одржи на власт. Според „Фајненшл Тајмс“, курсот на венецуелските државни заеми и акциите на ПДВСА бележат раст на вредноста и инвеститори кои шпекулираат на промена на власта инвестираат во акциите. Тие се надеваат на добри дивиденди од повторното заживување на нафтениот сектор.