1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последни од нивниот вид

Марк фон Липке / Симе Недевски17 август 2013

Се сеќавате ли на Грундиг, Нортменде, Телефункен... Некогаш германските фирми беа водечки на пазарот на т.н забавна електроника. Но денес се присутни само уште две, Леве и Мец, и прашање е дали и тие ќе преживеат.

https://p.dw.com/p/19QUw
Фотографија: Loewe AG

Германските производители на телевизиски приемници Мец (Metz) и Леве (Loewe) имаат доживеано и подобри времиња. Особено Леве сега се соочува со големи проблеми, како што е драстичниот пад на продажбата и финансиски потешкотии. Оваа фирма пред неколку недели мораше да предаде и барање за помош од државата. Тоа значи дека во наредните 3 месеци фирмата ќе продолжи да работи, но на чело на управата ќе дојде лице кое на ова место ќе го постави судот, односно, државата. Оваа фаза ќе трае 3 месеци, а фирмите на кои Леве им должи пари толку долго ќе мораат да почекаат на исплаќање на парите. Со други зборови, за спас на оваа традиционална фирма која оваа година ја прослави својата 90-та годишнина од постоењето, не и' преостанува уште многу време.

Браншата во криза

Во Германија во 2012. година се продадени речиси 10 милиони телевизиски приемници. Тоа и не е толку мала број, но германските компании притоа не заработија многу. Конкуренција во прв ред им прават азиските производители кои често излегуваат со нови производи чии цени со еднаква брзина паѓаат. Станува збор за многу радикална борба за купувачи каква всушност не можат да си дозволат и самите Азијци. Сони, на пример, веќе со години се наоѓа во криза, додека на Самсунг единствено енормниот успех со продажбата на смартфоните сѐ уште му овозможува присуство на пазарот на телевизиски апарати. Овој притисок секако многу го чувствуваат Мец и Леве. Просечната продажна цена на еден телевизор моментално се движи околу 600 евра. Но, телевизорите од марките Мец и Леве се значително поскапи. Поради тоа и не зачудува малата продажба и падот на заработувачката.

Funkausstellung Helene Metz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Децении на конкуренција и борба за опстанок

„Ситуацијата во која се наоѓаме денес всушност и не е толку нова. Таа постои веќе со децении. Првите кризни ситуации настапија кон крајот на 70-те години од минатиот век. Тогаш на германскиот пазар се појавија јапонските, а нешто подоцна и корејските компании. Денес најголема конкуренција се кинеските фирми. Конкуренцијата е поради тоа толку силна, бидејќи Азијците нудат производи со ниски цени. Во меѓувреме, технички го надополнија своето заостанување“, вели Роланд Рајтел, портпарол на фирмата Леве.
Во почетокот германските компании се обидоа да ги следат цените како оние кои на пазарот ги нудеа Кинезите, но набрзо ја сменија тактиката. „Нашата стратегија тогаш се смени. Конкуренцијата се обидовме да ја потиснеме со подобар квалитет, дизајн и иновативна технологија“, вели Рајтел.

Пропаст на германските компании

Некогаш на пазарот на т.н. забавна електроника се истакнуваше уште едно германско име: Грундиг. Оваа фирма во 50-тите години на минатиот век беше водечка во Европа во производство на радио приемници. Во 1970-те години Грундиг се пресели во Нирнберг и таму започна со производство на телевизиски апарати. И на ова поле Грундиг набрзо стана еден од водечките европски производители. Во тоа време оваа компанија имаше над 10.000 вработени. Денес тука работат помалку од 200. Но, тоа не е се'. Грундинг во 2003. година пријави стечај и оттогаш наваму овој бренд му припаѓа на еден турски концерн.

Судбина каква што доживеа Грундиг, доживеаја со текот на времето и други германски компании. Засега на пропаѓањето успеваа да му се спротивстават само уште Леве и Мец. „Нашето име сѐ уште симболизира квалитет, а со тоа и доверба. Кој ќе купи некој производ од марката Мец, тој знае дека ќе добие квалитет“, вели директорот на Мец, Норберт Коцбауер.

Fertigung in Kronach / Franken von Loewe
Фотографија: Loewe AG

Преживување преку промени

И во фирмата Леве има доволно причини за надеж. Таа склучи договор со кинескиот концерн Хисенсе, така што наскоро на пазарот би можеле да се појават производи на марката Леве, но по поволна цена. Со тоа ова претпријатие се надева дека ќе може да и‘ се спротивстави и на конкуренцијата од оние компании кои не произведуваат само класични ТВ-приемници, туку и најнови, таблет компјутери. Слично мислење имаат и во Мец. „Телевизиските апарати се и натаму многу барани. Но, начинот на гледање на телевизиската програма се промени. Тој веќе не е таков каков што беше пред 10 години. Денешните потрошувачи сакаат самите да одлучат што и кога ќе гледаат. Со други зборови, телевизијата денес мора да се комбинира со други медиуми“, вели Коцбауер.

Комбинација на различни медиуми, флексибилност и подготвеност за промени - тоа во денешно време мора да го докажат овие две германски фирми, доколку сакаат да не доживат иста судбина како и останатите традиционални германски компании кои веќе ги нема на пазарот.