1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Последното патување

3 декември 2021

По барање на роднини на загинатите, сменет е планот за испраќање на посмртните останки на 45-те жртви во автобуската несреќа во Бугарија

https://p.dw.com/p/43ly6
Bulgarien Busunfall bei Bosnek
Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Со два воени транспортни авиони од меѓународниот софиски аеродром „Враждебна“ кон меѓународниот аеродром Скопје, утрово почна последното испраќање на посмртните останки на 45-те загинати македонски државјани, кои на 23-ти ноември настрадаа на магистралата „Струма“ во Бугарија, во сообраќајна незгода на автобус кој пламна во оган.

Несреќата ја преживеаја само седум патници кои беа хоспитализирани во софиската болница „Пирогов“, а последниот од нив завчера беше вратен во Скопје.

Приватност, беа екранизација

По вчера најавениот план за пречек и испраќање на посмртните останки на загинатите, вечерта беше направена измена: нема да има колона по булеварот „Гоце Делчев“, како што претходно беше најавено од МНР.

„Посмртните останки на загинатите граѓани во автобуската несреќа во Бугарија после нивниот транспорт на аеродромот во Скопје, веднаш ќе бидат упатени кон нивните домови и вечни почивалишта. Оваа измена доаѓа согласно барањата на дел од семејствата на загинатите, а со цел телата да бидат предадени пред петочната молитва. За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, сѐ уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот“, соопшти МНР.

Претходно беше планирано на плоштадот „Скендербег“ да биде поставен и видеобим, од каде што граѓаните ќе можат да го следат целиот процес на пристигнување и движење на поворката по булеварот „Гоце Делчев“, на пат кон домовите на починатите.

Ова наиде и на реакции во јавноста, со ставови дека тоа не е соодветно во тој тежок миг за семејствата на починатите.

„Ја разбираме желбата да се изрази сочувство, но немаме сили да го гледаме тоа. Првите денови по несреќата ги поминавме во Софија, трагајќи по информации за нашите роднини. Ни рекоа дека прво мора да се изврши идентификација, да се вратиме дома, да почекаме...Секоја минута, секој ден ни беше долг како година. Од 23-ти ноември живееме во агонија“, вели роднина на загинати во несреќата.

Bulgarien Sofia | Gedenken an der Botschaft Nord-Mazedoniens nach Busunfall
Цвеќе и свеќи во спомен на починатите (Софија, 24.11.2021)Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Одговорност мора да има

Ништо не беше лесно за овие семејства. Вчера дури и транспортното возило кое требаше да ги преземе телата за да ги однесе на софискиот аеродром, беше превисоко за да влезе во дворот на мртовечницата во Софија. Во тоа успеа подоцна, откако единствената опција била - да му ги издишат гумите.

Повеќе:

И меѓународен ревизор утврдил пропусти кај заштитната ограда на патот „Струма“

Комитова: Недостатоците на патот „Струма“ не се причина за несреќата

Трагедијата заокружена на 45 жртви: Пронајдено телото на уште едно дете во автобусот на „Беса транс“

Но, она на што јавноста инсистира, е да не „издишат гумите“ на одговорноста. За автобусот кој изгоре во несреќата надлежните утврдија дека не поседувал извод од лиценцата за вршење меѓународен превоз на патници, но, и покрај тоа, лани и годинава остварил вкупно 133 преминувања на државната граница.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, е дециден дека одговорност за трагедијата мора да има.

„Нема бегање од одговорност. Гледаме дека истрагата е динамична во Бугарија. Јас кажав на владина седница дека ќе бараме одговорност и од фукционерите, и по извештајот ќе има поместувања следната недела. Тој автобус поминал многупати преку граница, значи има многу коруптивни елементи во начинот на кој може таков автобус да помине пет гранични премини. Затоа треба да го раздрмаме системот со темелна истрага“, рече Груби во гостување на ТВ „24“.

Најави дека очекува детални информации од директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, и потенцираше дека не го штити сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, кого не го ни познава, ниту штити кој било функционер - директор или министер.

„Секој ќе сноси одговорност во зависност каква му е одговорноста за несреќата“, изјави Груби.

Тој ги демантираше шпекулациите дека директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, му е роднина на Али Ахмети.