1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Посни“ резултати на македонскиот фудбал во 2012

Златко Калински21 декември 2012

Во продолжението од квалификациите за Светското првенство македонската селекција, речиси во целост ќе се потпира врз имињата, кои играат во странските клубови.

https://p.dw.com/p/177M0
Фотографија: AP

Календарски крај е на годината. Време за сведување на биланс на направеното. Во последните 4 месеци најекспонираната личност е селекторот на фудбалската репрезентација Чедомир Јаневски. Ваква е неговата оценка за кусата, првична етапа од селекторскиот мандат:

„Направивме добар тим од 26 играчи,кои минаа низ 4-те квалификациски натпревари за Светското првенство. Мислам дека мојот стручен шатб и јас можебе да бидеме задоволни од она што го прикажавме, вклучувајќи го и пријателскиот натпревар против Словенија во Скопје. Имаме придвижување во играта, подобрување. Жал ми е, што на моменти одигравме подобро, одошто тоа резултатите го покажуваат.“

Домашниот фудбал заостанува

Неодамнешниот натпревар во Анталија меѓу Македонија и Полска, беше судир на играчи селектирани од домашните првенства на двете земји. Високиот пораз со 4:1 и сликата за квалитетот на македонскиот прволигашки фудбал е со загрижувачки пораки. Доцневме во играта против Полска во секој поглед, објективен е Јаневски:

„Очигледно беше дека во суштинските елементи во фудбалот, во брзината, во силата,техниката и тактиката ние заостанувавме, Полска беше многу подобра од нас. Имавме голема желба да им се спротиставиме, но само на моменти тоа ни успеваше.“

Нема дилеми, дека и во продолжението од квалификациите за Светското првенство македонската селекција, речиси во целост ќе се потпира врз имињата, кои играат во странските клубови.

Cedomir Janevski neuer Trainer Mazedonien
Чедомир ЈаневскиФотографија: Petr Stojanovski

Во март следат двата натпревари против Белгија. Јаневски ја потенцира важноста на овие дуели:

„Квалификациите за Светското првенство се сериозна работа. Во март не‘ очекуваат два тешки натпревари против Белгија. Претходно, во февруари ќе имаме уште еден контролен натпревар, со 99% сигурност на гости ќе ни дојде Данска.Тоа ќе биде последна проверка пред мечевите со Белгија. Дали тие ќе бидат клучни за некаков пласман на Светското првенство во Бразил, не знам! Бидејќи, потоа ни преостануваат уште 4 натпревари во групата, а Хрватска и Белгија имаат тешки натпревари меѓу себе. Нашиот клуч за успех ќе е првиот од двата дуели со Белгија во Скопје, во кој ќе се обидеме да направиме позитивен резултат,за да ги ставиме Белгијците под притисок пред да не‘ пречекаат во Брисел.“

Треба да се учи од подобрите

Свесен е за моментот во кој се наоѓа македонскиот фудбал, за тежината на предизвиците, за менталитетот што владее. Јаневски подготвено се соочува со притисоците после секој резултатски неуспех. Верува дека работата и вложеното ќе донесат резултат:

„Кога се нафатив за селекторската обврска, мојата идеја беше да помогнам што е можно повеќе со искуството, кое го градев надвор од Македонија. Животот ме научи дека само со работа може нешто да се постигне, а не со она што било пред 20 или 30 години. Треба да се угледаме на тоа како другите фудбалски федерации работат, како клубовите во нивните земји напредуваат, а ние за жал, 20 и повеќе години многу зборуваме, а малку работиме“, вели Чедомир Јаневски.