1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнувањето мир е тешко, но не и невозможно

21 август 2010

Меѓународната заедница ја поздрави одлуката за обновување на блискоисточните мировни преговори. Израелскиот премиер оцени дека постигнувањето мир ќе биде тешко, но не и невозможно. Иницијативата ја осуди само Хамас.

https://p.dw.com/p/Ot5R
Хилари Клинтон е свесна за тешкотиите што следатФотографија: AP

Вашингтон и Блискоисточниот квартет, кој го сочинуваат САД, Русија, Европската унија и Обединетите нации, упатија покана до Израел и Палестинците за средба на 2 септември во американскиот главен град. Двете страни вмешани во конфликтот ја прифатија поканата. Последните директни разговори беа водени кон крајот на 2008 година, пред почетокот на војната во Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нагласи дека разговорите треба да се водат без предуслови. „Да се постигне мир е тежок предизвик, но тоа е можно“ изјави Нетанјаху. „Во разговорите влегуваме со добра волја, да постигнеме мировен договор меѓу двата народа и истовремено да ги штитиме националните интереси на Израел и пред се` неговата безбедност.“

Palästina Bewaffneter Anhänger der Hamas im Gaza Stadt
Само Хамас е против преговоритеФотографија: AP

Палестинците и египетскиот претседател Хосни Мубарак исто така ја прифатија поканата. Портпарол на палестинската ослободителна организација, по средба на извршниот комитет во Рамала на Западниот брег изјави дека ПЛО е подготвена за директни разговри, за да се решат сите отворени прашања. Мубарак ја поздрави поканата од Вашингтон и изрази надеж дека двете страни ќе постигнат мировен договор. Радикално исламистичката организација Хамас, која е на власт во Појасот Газа, наспроти ова категорично ја отфрли мировната иницијатива.

Обновувањето на преговорите го поздравија и европските држави

Најавата за обновувањето на директните мировни преговори меѓу Иарелците и Палестинците наиде на позитивно ехо во светот. Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика Израелците и Палестинците, директните мировни преговори кои треба да почнат во септември да ги завршат во предвидениот рок од една година. Можни решенија за најважните отворени прашања се разработени уште при претходните преговори, појасни канцеларката Меркел. Сега треба да се покаже политичка волја и неопходната подготвеноста за компромис. Тоа е во интерес на стабилноста на целиот регион, се вели денеска од Берлин.

Позитивно реагира и Франција и Италија. Во соопштението на францускиот претседател Никола Саркози се нагласува дека при контактите со изрелаксиот премиер Нетанјаху и претседателот на Палестинците Абас постојано се заложувал за дијалог. „Италијанската влада ќе даде секаква можна поддршка“ изјави, пак, во Рим италијанскиот министер за надворешни рaботи Франко Фратини.

Автор: АТ/ТТ/дпа/ројтерс

Редактор: Трајче Тосев