1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потврда на јулското „да“ за Македонија во НАТО

29 јуни 2018

На средбата Заев-Столтенберг се очекува потврда дека Македонија во јули ќе биде поканета да почне пристапни преговори со НАТО, а по успешен референдум ќе се ратификува нејзиното полноправно членство во Алијансата.

https://p.dw.com/p/30WAH
Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој рано претпладнево во Брисел ќе се сретне со македонскиот премиер, Зоран Заев, се очекува денеска и официјално да соопшти дека Македонија на 11 јули ќе добие покана за пристапни преговори со НАТО. Веста се очекува да биде соопштена и на заедничка прес-конференција по средбата. Оптимизмот е видлив и кај Столтенберг, кој пред средбата со Заев доцна синоќа требаше да се сретне и со грчкиот премиер, Алексис Ципрас. 

„Ќе ја истакнам нивната храброст и лидерство за постигнатиот договор за спорот за името. Убеден сум дека лидерите на НАТО на Самитот следниот месец во Брисел ќе одлучат за отворање на пристапните разговори со ПЈРМ“, изјави синоќа генералниот секретар на НАТО.

Вакво очекување има и македонскиот премиер.

„Тоа што го чекавме во 2008 година во Букурешт, ќе го добиеме на 11 и 12 јули овде во Брисел, на Самитот на НАТО. Тоа е покана која почнува со тримесечен период на скрининг. После тоа следи покана за пристапување кон ратификација на протоколот од земјите-членки на НАТО“, најави синоќа премиерот Заев од Брисел.

Mazedonien NATO Generalsekretär Jens Stoltenberg in Skopje
Се очекува Столтенберг денеска и официјално да соопшти дека Македонија на 11 јули ќе добие покана за пристапни преговори со НАТОФотографија: picture-alliance/abaca/AA/A. Fazlagikj

Крај за неславниот рекорд

Најавата дека Македонија денеска очекува важна вест, беше искажана и на „Рос – Рот“ семинарот организиран во Скопје од Парламентарното собрание на НАТО во соработка со Собранието на Република Македонија.

„На највисоко ниво е најавено дека во седиштето на НАТО, Генералниот секретар ќе го објави дека на Македонија ќе ѝ биде доделена официјална покана на следниот Самит на Алијансата во Брисел на 11 и 12 јули. Генералниот секретар ќе го објави тоа што најголем дел од македонските граѓани го очекуваат практично со децении, имајќи предвид дека Република Македонија е неславен рекорден со 19 кругови од акциониот план за членство во НАТО“, рече Националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски.

Тој потенцираше дека влезот во НАТО е најголемиот кохезивен фактор во Македонија, бидејќи најголемиот дел од граѓаните се за влез во Алијансата, без оглед на етничката припадност.

Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонијa, Исмет Рамадани, потенцира дека „80 отсто од граѓаните на Македонија се за членство во НАТО, а оние коишто се против, не можат да наполнат ни еден автобус“. Тој посочи дека има обиди земјата да се држи во несигурност и дека за таа цел се користи и Договорот со Грција. Ги нарече „неодговорни“ оние кои не го прочитале целиот Договор, а притоа дебатираат дали е добар или лош.

Dr. Stevo Pendarovski
Пендаровски: Влезот во НАТО е најголемиот кохезивен фактор во МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Но, до полноправното членство на Македонија во Алијансата е нужен период од минимум една година, бидејќи процесот е поврзан со обврски и процедури кои треба да бидат завршени дома, но и во парламентите на земјите-членки на НАТО. Во македонскиот случај првиот чекор започнува со условот за решавање на билатералниот спор со Грција, односно со стапување во сила на Договорот потпишан на 17 јуни во Преспа. За таа цел Македонија треба да спроведе референдум, кој ако биде успешен, во согласност со Договорот треба да резултира со уставни промени. Македонската Влада смета дека тој процес ќе заврши со крајот на годината или најдоцна до февруари 2019 година. По неговото успешно завршување, Договорот со Грција стапува во сила. Тогаш грчкиот парламент прв ќе го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО, а истата процедура ќе продолжи и во парламентите на другите 28 земји-членки на Алијансата. Тоа е процес кој во просек трае повеќе од една година, што значи дека Македонија официјално би станала полноправна членка на НАТО до крајот на 2019, или во првата половина на 2020 година.

Повеќе: НАТО сега или НАТО никогаш

Во НАТО преку успешен рефрендум

Она што создава забуна во домашната јавност е „поканата за пристапни преговори“ и „поканата за членство“. Тоа се процедурални чекори од истиот процес, одвоени со краткорочен период на скенирање на состојбите во земјата од страна на НАТО, кој вообичаено трае меѓу 3 и 5 месеци. Практично тој период на скрининг ќе се совпадне со референдумските активности во Македонија. Ако референдумот биде успешен, ќе следува „официјалната покана“, односно барањето од НАТО до парламентите на земјите-членки да го ратификуваат протоколот за членството на Македонија. Тоа деновиве се обиде да го објасни и Генералниот секретар на НАТО, укажувајќи дека прво следи покана за пристапни преговори, а потоа покана за членство која ќе биде упатена по финализирање на Договорот со Грција, што е услов за деблокирање на евроатлантскиот пат на Македонија. 

Повеќе: Столтенберг: Полноправно членство во НАТО само по успешен референдум

„Ако ПЈРМ го имплементира и финализира Договорот со позитивно гласање, тогаш НАТО ќе ја покани земјата да стане полноправно членка. Ова е историски Договор кој пружа историска прилика на ПЈРМ да стане членка на НАТО, и ги повикувам луѓето во земјата да ја зграпчат оваа прилика и да го поддржат Договорот. Ако не се поддржи Договорот, не гледам како е можно да се покани земјата. Ова е единствена прилика и треба да се зграпчи“, порача Столтенберг.