1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потврдена казната од 50 години за Чарлс Тејлор

Б. Георгиевски/афп26 септември 2013

Апелацискиот суд на ОН му ја потврди казната од 50 години затвор на поранешниот претседател на Либерија, кој беше прогласен за виновен по 11 точки на обвинението за воени злосторства.

https://p.dw.com/p/19ovH
Фотографија: AP

Поранешниот либериски претседател и воен командант Чарлс Тејлор ќе мора да ја отслужи казната од 50 години затвор поради воените злосторства сторени за време на граѓанската војна во Сиера Леоне во 90. години на минатиот век.

Специјалниот суд за Сиера Леоне формиран под патронат на ОН на тој начин му стави крај на седумгодишниот процес против некогашниот моќник од западноафриканската држава.

Тејлор мирно ја прими пресудата, облечен во темен костум, кравата во златна боја и со позлатени очила. Казната веројатно ќе ја издржува во затвор во Велика Британија.

Пресудата за Тејлор беше прва против еден шеф на држава за воени злосторства донесена по Нирнбершките процеси во кои им се судеше на поранешните нацистички лидери.

„Апелацискиот суд е на мислење дека претходната пресуда е фер во однос на сторените злосторства“, гласеше едногласниот заклучок на судскиот совет.

Тејлор беше уапсен и пренесен во Хаг, Холандија на средината на 2006 година, а во мај минатата година беше донесена пресудата. Како претседател на Либерија од 1996. до 2003. година, Тејлор ги помагал и поттикнувал бунтовниците од соседна Сиера Леоне, снабдувајќи ги со муниција и оружје за време на граѓанската војна во таа земја. Судот утврди дека за возврат, Тејлор ја наплаќал поддршката со „крвави дијаманти“ кои биле добивани со робовска работа.

Во војната во Сиера Леоне загинаа повеќе од 120 илјади луѓе.

Адвокатите на Тејлор пред судот тврдеа оти тој не знаел за злосторствата на бунтовниците, ниту пак ги снабдувал со оружје и муниција.