1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потпишан Договорот за контрола на трговијата со оружје

ЕМФ/дв4 јуни 2013

Повеќе од 60 држави го потпишаа меѓународниот Договор за контрола на трговијата за оружје. Тој ќе стапи во сила по ратификувањето од 50 земји на ОН. Се пртепоставува дека тоа ќе трае 2-3 години.

https://p.dw.com/p/18jGd
Фотографија: Reuters

По повеќегодишни преговори, повеќе од 60 држави го потпишаа Договорот за контрола на трговијата со оружје, на свечена церемонија во ОН во Њујорк. Потпис во име на Германија, која е трет најголем извозник на оружје во светот, стави министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. „Сакаме да им испратиме сигнал на сите држави кои се‘ уште се двоумат“, изјави Вестервеле, според кого договорот претставува „историски пробив“. Тој укажа дека во Германија веќе важат построги насоки за извоз за оружје отколку што тоа го предвидува договорот.

Преговорите траеја седум години

Со таканаречениот Arms Trade Treaty (ATT) се добиваат прописи кои ќе имаат општо важење за тргувањето со конвенционално оружје. Тој ги обврзува државите потписнички на проверка дали оружјето кое го продаваат има опасност да биде употребено за геноцид, воени злосторства или тешки повреди на човекови права. Освен тоа, треба да се спречи оружјето да падне во рацете на терористи и на организираниот криминал.

Waffenhandel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Преговорите околу договорот траеја седум години. Сепак, тој ќе стапи во сила дури откако ќе биде ратификуван од 50 држави на ОН. Тоа најверојатно ќе трае уште две до три години. Експертите се‘ уште полемизираат околу конкретното дејство на договорот. Се критикува пред се‘ фактот дека не се предвидени казни за земјите кои нема да го почитуваат. Нејасно е и кои се‘ земји ќе бидат дел од договорот. Во САД, кои се најголем извозник на оружје во светот, лобито за оружје врши голем притисок врз Сенатот, за да нема парламентарно мнозинство за ратификација на договорот. Руската и кинеската влада пак, оставија отворено дали воопшто ќе му пристапат на договорот.

Според проценките, браншата за оружје во светот прави обрт од 50 милијарди евра годишно.