1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потрага по вистината

18 март 2010

Скандалите на сексуално злоставување на деца ја тресат католичката црква насекаде во светот. Во Германија, родната земја на папата Бенедикт Шеснаесетти, Германската бискупска конференција се стави во одбрана на понтифот.

https://p.dw.com/p/MVh9
Фотографија: AP

Реформското движење „Ние сме црквата“, што е критички настроено кон католичката црква, побара од германските бискупи, што биле вмешани во случаите на злоставување малолетници, да преземат соодветни чекори за целосно расветлување на инцидентите. Портпаролот на движењето, Кристијан Вајзнер, искажа и разочараност од тоа што досега папата лично не им се обратил на жртвите: „Особено еден папа, кој доаѓа од Германија и добро ја познава овдешната ситуација, мислам дека треба да се потруди да испрати специјално писмо до германските католици, со кое особено ќе им се обрати на жртвите во случаите на сексуално злоставување.“

Папата е потресен од случаите на сексуална злоупотреба

Papst Benedikt / Vatikan / Kirche
Папата Бенедикт ШеснаесеттиФотографија: AP

Бискупот Роберт Цолич, пак, претседател на Германската бискупска конференција, ги демантираше тврдењата дека папата Бенедикт Шеснаесетти „молчи околу случаите на злоставување“ во редовите на католичката црква и потсети дека папата веќе соодветно реагирал. Поглаварот на католичката црква веќе упатил остри зборови „кои веќе се слушнаа низ целиот свет“, пишува бискупот од Фрајбург во денешниот гостински коментар во весникот „Ди велт“. Затоа, според него, нема смисла да се бара од папата уште еднаш да ги повторува своите изјави, специјално за Германија. „Тежината на зборот не се зголемува ако тој се повторува“, предупредува Цолич. Од личниот разговор што го имал со Папата Бенедикт Шеснаесетти, Цолич знае колку понтифот е потресен од случаите на сексуална злоупотреба на деца од страна на католичките свештеници.

Kloster Ettal Bayern Missbrauch Kinder
Манастирот Етал во БаваријаФотографија: AP

Претседателот на Германската бискупска конференција, Роберт Цолич, минатиот петок беше на кризниот прием кај папата во Рим и оттогаш не се огласуваше многу во германската јавност. Сега, во денешното издание на весникот „Ди велт“, меѓу другото пишува: „Папата недвосмислено се изјасни за овој, како што самиот го нарече, ’страшен прекршок’. Меѓутоа, што и да каже папата, не може да ги опише болката и тагата нанесени од злоставувањата“, пишува Цолич и додава дека Бенедикт Шеснаесетти не може да најде зборови за да ги надомести штетите што скандалот и` ги нанесува на католичката црква.

„Што друго да се побара од овој човек“, прашува Цолич. „Треба ли да седне на тркалезна маса? Секој ги формулира своите барања кон папата, онака, како што нему му одговара“.

Во меѓувреме, папата Бенедикт Шеснаесетти најави дека в петок ќе потпише пасторално писмо што се однесува на случаите на педофилија во Ирска. Тој смета дека писмото ќе придонесе за „покајување, исцелување и препород.“

Автор: ТТ/ЕМФ/кна/дпа/ртр

Редактор: Александра Трајковска