1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребен е нов светски поредок

Sime Nedevski2 февруари 2009

Во бразилскиот град Белем заврши Светскиот социјален форум, кој се смета за контрапункт на Светскиот економски форум во Давос. Од средбата беа упатени апели за фундаментална промена на светскиот економски поредок.

https://p.dw.com/p/GlPW
Повик за поправеден светФотографија: AP

Поголемиот дел од учесниците и организаторите извлекуваат позитивен биланс од годинешниот Светски социјален форум и покрај на моменти хаотичната организација на средбата.

Под мотото „Можен е поинаков свет“ во Белем се собраа околу сто илјади учесници и претставници на цивилното општество од преку 150 земји за да дискутираат за социјалната правда, уништувањето на Амазонските прашуми и за правата на домородните народи кои живеат таму. Меѓутоа, како што се очекуваше, акутната финансиска и економска криза ги засени првобитните намери.

Апел за нов светски поредок

По петдневните дискусии учесниците на форумот се собраа синоќа на завршното Генерално Собрание за да дискутирааат за резултатите од бројните тркалезни маси што беа организирани во Белем. Од завршното собрание беше упатен и апелот дека е потребна промена на светскиот економски поредок.

„ Форумот поаѓа од тоа дека раст во вакви услови повеќе не е можен и оти светскиот економски поредок, каков што го имаме сега, го надмина својот зенит, и дека ние всушност севкупно се наоѓаме во криза на цивилизацијата“, изјави Јирген Рајхел од Германската евангелистичка служба за развој, единствен германски претставник во Советот на Светскиот Социјален Форум.

Смрт на глобализацијата

Weltsozialforum in Belem, Brasilien
Заштита на домородните народи-една од заложбитеФотографија: AP

Според организаторите на Форумот, светската економска криза ја претскажува смртта на глобализацијата.

„Ние и‘ се спротиставивме на глобализацијата, а сега таа се уништува сама себеси. Сега мораме самите да го дефинираме светот во кој сакаме да живееме“, порача еден од основоположниците на Форумот, Кандидо Жибовски.

Од Форумот произлезе и апелот дека е потребен засилен ангажман во актуелните економски услови во светот за да се заштитат сиромашните.

Внимание на форумот беше свртено и кон новиот американски претседател Барак Обама. Учесниците на средбата во Белем изразија надеж дека тој би можел да ја промени политиката на неговиот претходник Џорџ Буш, која беше критикувана како штетна за животната околина, сиромашните луѓе во Латинска Америка и за економијата.