1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Потребен е почувствителен однос кон меѓуетничките односи“

Ерол Авдовиќ2 мај 2012

Македонската вицепремиерка, задолжена за европските интеграции, Теута Арифи во Њујорк за ДВ изјави дека евроатланскиот процес е најголемата гаранција за градење на здрави меѓуетнички односи.

https://p.dw.com/p/14npt
Фотографија: DW

Потпретседателката на македонската влада Теута Арифи престојуваше во Њујорк, во, како што самата истакна – вонбилатерална посета на САД.

Имено, посетата беше организирана со цел македонската вицепремиерка да учествува на прославата на стогодинишната од организирањето на албанската емиграција во Америка.

Позитивни пораки

„Оваа посета не е посета која се поврзува со Вашингтон. Таму бев во декември. Оваа посета е посета која се поврзува со активностите на прославата на стогодишницата на фондацијата ‘ВАТРА’, која е една од најстарите организации која ги собира Албанците од САД и надвор од Соединетите Американски Држави. Тоа беше добра можност да се биде во ваква средина со добри пораки”, изјави Арифи за ДВ.

Во својот говор, пред, инаку голем аудиториум - составен и од мултиконфесионални – религиски и цивилни лидери на албанската имиграција во САД и Канада, Арифи зборуваше и за важноста и придонесот на албанската заедница – „во зачувувањето на мирот и стабилноста на Балканот”.

На манифестацијата, пригодни пораки упатија и претставниците на американскиот Конгрес, сенаторот Чарлс Шумер и конгресменот Елиот Енгел. Вицепремерката Арифи исто така зборуваше за „долгиот пат на Албанците од Македонија за да стигнат до еднакви права во македонската држава”.

Поголема чувствителност

Teuta Arifi Politikerin Albanien
Фотографија: DW

„Мислам дека се многу позитивни пораките во однос на меѓуверската толеранција кои ги слушнавме овде. Тоа се многу значајни пораки за еден регион кој е мултирелигиозен како што е нашиот. Тука се и конструктивните пораки кои дојдоа од другите учесници во однос на улогата што ја имаат Албанците во регионот во однос на евроатланските интеграцији. И секако, подршката што – на сите овие процеси ја даваат Соединетите Американските Држави, имајќи го предвид фактот дека за 20 години од транзиција на регионот на Западен Балкан, САД дадоа еден голем придонес во однос на демократизацијата на регионот и градењето на демократијата во нашите држави”, кажа Арифи.

Европската гаранција

Зборувајќи понатаму за македонската програма на ДВ во Њујорк, Теута Арифи истакна дека актуелната состојба во Македонија налага уште почувствително да се однесува кон меѓуетничките односи и секако да се забрза движењето на евроатланскиот пат по кој чекори Македонија:

„Јас мислам, дека ние треба одговорно да се однесуваме кон меѓуетничките односи, да бидеме свесни за нивната сериозност и чувствителност. И исто така, да дадеме придонес за реализирање на Охридскиот рамковен договор, тие односи да бидат похармонични и подобри. Меѓу другото, мислам дека евроатланскиот процес е најголемата гаранција за подобрување на односите и за градење на здрави меѓуетнички односи, имајќи го предвид фактот дека европската интеграција е таа кохезивна сила која не држи сите заедно кон една зедничка цел”, изјави Арифи.

Во Њујорк, во рамките на оваа посета, министерката Арифи имаше средба и со потсекретарот на Светската организација задолжена за прашањето на жените, Вероника Мишел Башелет поранешна председателка на Чиле. Во Обединетите нации, Арифи учествуваше и на хуманитарниот настан кој беше организиран од Мисијата на Кувајт во ОН и „Фондацијата за исламското наследство”, во врска со собирање на помош за сириските бегалци.