1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребна е ефикасна борба против корупцијата

Интервјуто го водеше Горан Петрески 14 декември 2007

Интервју на Дојче Веле со Моника Маковеј, советник на македонскиот премиер Никола Груевски за борба против корупцијата.

https://p.dw.com/p/CaeL
Фотографија: AP

Госпоѓо Маковеј веќе половина година сте советник на премиерот за сузбивање на корупцијата, ги лоциравте ли најголемите извори на корупција? Кои сфери се најкорумпирани во Македонија?

Маковеј: Главните извори на корупција се идентификувани преку истражувања и анкети, некои од нив се спроведени од Светската банка и други иснтитуции во Македонија. Мојата задача тука е да утврдам ефикасен механизам за борба против корупцијата. Постојат некои многу познати области каде што има корупција и во кои треба да бидат преземени антикорупциски мерки како на пример финансирањето на политичките партии, јавните набавки, судството и така натаму. Секако треба да се зајакне капацитетот на органите за подобро спродување на законите. Полицијата, финансиската полиција, обинителството, да работат на корупциски случаи.

Какви се вашите првични оценки, каква е ситуацијата со корупцијата во Македонија?

Неможеме општо да зборуваме за ситуацијата. Да зборуваме за конкретни прашања. Многу е важно да постојат закони и документи, но спроведувањето е најважно во моментов.

Можам да кажам дека засега во Македонија нема многу ефикасен мониторинг механизам. Од институциите се бара да поднесат извештај за нивната работа, барем еднаш годишно, па јас ќе предложам да постои орган овластен да донесува одлуки, да ги санкционира тие што целосно нема да ја извршат до крај имлементацијата.

Досега барем јавно не понудивте анти корупциска стратегија, што го советувате премиерот?

Постои стратегија за борба и спречување на корупцијата, не ни требаат многу документи, потребен ни е еден вреден и тој да го спроведеме. Нудам различни решенија за разни прашања. Споменавте стратегија јас би рекла акциски план, што веројанто ќе треба да биде осовременуван, секоја година бидејќи станува збор за документ што не е постојан, неможе еден документ да биде непроменет четири, пет години. Ќе дадам и веќе почнав да давам конкретни предлози во различни области. Една од нив е да се воведе во криминалното законодавство криминал под терминот нелегално збогатување. Идејата е оној што работи на јавна позиција и кој не може да ги оправда своите средства, ако се многу поголеми од неговите приходи, тогаш самото по себе тоа е криминал и неговиот имот може да биде конфискуван.

Друга моја идеја е да постои антикорупциски оддел и оддел за организиран криминал со повеќе обучени обвинители, кои ќе можат да се справат и со полесните корупциски случаи но и со оние кои немаат форма на организиран криминал.

Впечаток е дека битката против корупцијата замре, зошто?

И сами велите дека тоа е само впечаток, и веројатно е впечаток на јавноста, која очекува случаи. Но борбата со корупцијата не подразбира само случаи. Тоа е само едната страна, криминалните случаи. Морам да кажам дека јас не сум инолвирана во одредени случаи, не дојдов овде да работам на случаи, тоа е задача на полицијата, обвинителството и судовите. Мојата задача е да ги советувам институциите, како да ја подобрат нивната работа, да ги следам законите од оваа област, да внимавам на законодавствот од оваа област.

Дали се оправдани спектакуларните апсења на директори и на политичари блиски до политичката опција што не е на власт?

Како што реков не работам на одредени случаи не сум ниту обвинител ниту полицаец. Како и да е, би сакала да кажам дека ние во Романија испитувавме членови на опозицијата, вклучајќи го и поранешниот премиер, и знаев дека тоа се конкретни случаи, така што фактот што тие се членови на опозицијата не значи дека тоа не се вистински случаи. Од друга страна вистина е дека ние во Романија испитувавме и членови на тогаш актуелната влада, и сега има многу случаи против членови на сегашната влада, така што ова е доказ за праведна не пристрасна истрага. Верувам дека ако дојде до тоа исто така ќе видиме луѓе на позиција да бидат испитувани и во Македонија. Второ што сакав да го кажам е она што вие го споменавте за спектакуларните апсења. Обично во старите демократии луѓето не се апсат во присуство на телевизиите, таа информација е достапна за јавноста, но без да се снимаат лицата на приведуваните тоа е прилично невообичаено. Јас разбирам дека јавноста сака да го види тоа но водејќи сметка за оние кои се испитувани, ќе биде подобро ако барем се сокрие нивниот идентитет. Бидејќи тие немаат конечна пресуда и поради презумпцијата на невиност.

Зошто има многу случаи без завршница, не чинат законите за борба против корупцијата или гонителите?

Нема да го вперам прстот ниту на обвинителите ниту на законот, некои од овие случаи се на суд. Едно независно судство само би одлучило како да ги води случаите. Мора да разберете дека и во Романија еден криминален случај се решава со години, имаме исто искуство и не велам дека тоа е добро, имаме независни судии и тие можат да го одложуваат решавањето на случаите без разлика дали е тоа оправдано или не. Судскиот совет во Македонија треба да оцени како судиите се справуваат со тие случаи. Да веруваме дека во иднина ќе бидат донесени одлуки за овие случаи. Тоа е оној момент кој сите сакаме да го видиме, но секогаш има прв чекор а првиот чекор е да почне истрага.

Македонија е една од ретките земји во кои поранешен премиер е изведен пред суд поради можна злоупотреба на функцијата. Колку според Вас, во спектакуларното отворање на случајот Бучковски имаше политички реваншизам?

Како што реков не знам детали за конкретни случаи бидејќи не сум овде да работам на одредени случаи. Но би сакала да кажам дека сите политичари кои беа под истрага во Романија, од опозицијата и од власта, сите тврдеа дека се жртва на политичи реваншизам или на политичка местенка ако се од власта. Ваквите одговори на политичарите се вообичени при такви сутации. Моето искуство во Романија покажа дека не беа политички мотивирани туку дека беа вистински случаи.

Сметате ли дека битката против корупцијата се води изолирано против ситните риби, а крупните ѕверки се заобиколуваат?

Видете, мислам дека никој не би можел да ви даде конкретен одговор на ова прашање. Имате голем случај, веднаш кога има наводни обвинувања во медуимите, се отпочнува со истрага. Сега од она што го гледам во медуимите, се врши истрага и за крупните ѕверки. Но и ситните секојдневни случаи на корупција се важни за луѓето. Корупцијата во суштина треба да се бара кај луѓето коишто се носители на јавната власт. Сигурна сум дека ќе се сретнеме со случаи на корупција коишто се на сите нивоа на власта. И тие треба да бидат под истрага, можеби не се но, важно е дека ако постои некое обвинување по медуимите, или некој поднесе жалба мора да биде истражувано и на јавноста со аргументи да и биде кажано дали навистина има нешто или не.

Не е добро да се не се вршат истраги. Тоа создава атмосфера на неуспех кај институциите надлежни за спроведување на законите.

Во Македонија како и во некои други посткуминистички земји недостига поактивен став за делување од страна на полицијата и обвинителите. Еден активен обвинител би се однесувал на следниов начин. Ќе ви дадам еден пример: Во весник објавува некакво наводно обвинување и веднаш започнува истрага, не се чека на писмен извештај. Или се оди на работа и се гледа Мерцедец или Ауди, некој голем автомобил што му припаѓа на некој колега од судството или на некој полицаец. Имајќи предвид колку тој заработува го поставува прашењето како е купен автомобилот? И почнува да истражува.

Што мислите, кога Македонија ќе почне да се справува со корупцијата на овој начин?

Тоа ќе се случи со текот на времето, неможе да очекувате да се случи за една година кога обвинителите со години не работеле на овој начин.