1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребна ли е промена на календарот?

4 април 2010

Разликите произлезени од календарите врз основа на кои се мери времето му прават проблем на бизнисот. Дали влезот на Македонија во ЕУ и моќта на Ватикан ќе иницираат замена на Јулијанскиот календар со Грегоријанскиот?

https://p.dw.com/p/Mk10
Фотографија: BilderBox

Ретки се годините како оваа кога православните и католичките верници заедно го слават Велигден. Обично овој голем христијански празник не се совпаѓа, па верниците го слават на различен датум во зависност од календарот според кој го пресметуваат времето. Во Македонија пред некое време бизнис заедницата го иницираше предлогот Јулијанскиот календар да се замени со новиот, Грегоријански каландар. Единствен аргумент за оваа иницијатива е прилагодивањето кон најголемиот број на држави во Европа, за да не трпи бизнисот. Разликата во календарите е проблематична особено за Божик. Тогаш работата е во застој цел месец, се жали Златко Калеников од Сојузот на стопански комори.

“Фабриката од каде што јас набавувам не работи од 20 декември до 1 јануари, потоа почнуваме ние од Нова година до Стара нова година и цел месец практично немаме комуникација“.

МПЦ е против

Македонската православна црква е строго против ваквите предлози.

“Ние би имале лоши последици од тоа прашање. Би се случила нова поделба на народот. Една мала група ќе биде за промена на календарот, но сметам дека најголемиот дел од народот ќе остане на стариот календар. Нам најмалку ни треба сега нова делба“, изјави за Дојче веле, владиката Петар.

MPC
МПЦ не ја прифаќа идејата за промена на календаротФотографија: Petr Stojanovski

На верниците кои ги анкетираше Дојче веле им се допаѓа идејата за промена на календарот.

“Мислам дека католичкиот календар е пореален. Прво се родил Исус Христос, а дури потоа почнале да се бројат годините“.

Разликите ќе водат кон усложнување

Разликите во христијанството за тоа кога треба да се слави Божик и другите верски празници, произлегуваат од догматските несогласувања меѓу црквите и различните системи на мерење на времето.

Иако се правени обиди за усогласување на празнувањата, разликите остануваат, и покрај укажувањата на математичарите дека ако продолжат да се применуваат и двата календара, по сто години ќе дојде до поместување на православниот Божиќ. Дебатата „за и против“ промена на календарот во Македонија стана актуелна откако православните земји во најблиското опкружување, како Бугарија и Грција, го прифатија новиот календар. Можеби влезот на Македонија во Европската унија и моќта на Ватикан ќе влијаат врз состојбата во Македонија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска