1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребно е да му се даде време на времето

Тони Гламчевски24 октомври 2007

Филип Сеген, поранешен претседател на Француското национално собрание, е убеден дека ќе биде најдено решение, но за тоа е потребно време.

https://p.dw.com/p/Bw3Q
Филип СегенФотографија: DW / Toni Glamcevski

Филип Сеген, поранешниот претседател на Француското национално собрание и на политичката партија РПР, од која произлезе сегашното претседателско мнозинство во Франција и министер во владите на Жак Ширак, придонесе многу при воспоставувањето на дипломатските односи на Франција со Република Македонија и посебно при склучувањето на првите договори на Република Македонија со Европската Унија.

Ангажирањето на Филип Сеген за Македонија се должи и на фактот дека тој долги години беше градоначалник и пратеник од францускиот град Епинал, збратимен со Битола од скоро пред четири децении.

Со проблемите на Македонија со својот јужен сосед, тој првпат се соочил кога претседавал со Универзалната меѓупарламентарна унија, раскажува Филип Сеген за Радио Дојче Веле.

„Се сеќавам на хомерската епизода во 1993 година, кога претседавав со Универзалната меѓупарламентарна Унија, чие Генерално собрание се одржуваше во Франција. Тогаш на зградата на општината Париз го развивме знамето на Македонија. Тогаш една делегација ни се закануваше дека сé ќе прекине или нешто слично. Без да направам напори, Жак Ширак не попушти - имаше знаме на Македонија и остана знамето на Македонија развиено на општинската зграда во Париз.“

Проблемот е израз на лошо расположение

Четиринаесет години подоцна, проблемот со знамето е решен, но останува тој со името и постојаните закани од Грција дека ќе го искористи правото на вето при приемот на Република Македонија во НАТО и Европската Унија. Филип Сеген е на мислење дека и овој проблем ќе биде надминат, но за тоа е потребно време.

„Зборувавме за знамето. Знамето со неколку зафати на ножиците не доведе до решение. Мислам дека ќе биде најдено решение и за проблемот со името. Потребно е да му се даде време на времето. Исто како и на лошите расположенија за да можат да се изразат. Фундаментално верувам дека проблемот е израз на лошо расположение. Само посебе е јасно, местото на Македонија евидентно е во Европската Унија. Тоа е евидентно “, изјави за Радио Дојче Веле, Филип Сеген кој сега претседава со највисоката француска институција за контрола на јавните финансии во Франција.