1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поттик за изградба на гасоводот „Набуко“

Андреас Мајер Фајст27 јануари 2009

Во Будимпешта денеска се одржува конференција за планираната изградба на гасовод од Каспиското Море кон Европа. Овој т.н. „Набуко“ гасовод треба да поминува преку Турција и да ги заобиколи Русија и Украина.

https://p.dw.com/p/Gh28
Гас до Европа без руско-украински споровиФотографија: picture-alliance / dpa

Гас без руско украинските кавги, чии последици во снабдувањето ги почувствува и Европа, за унгарскиот министер за енергетика Чаба Молнар решението е едноставно:

„’Набуко’ е решението. Би било добро проектот да се забрза по кризата со гасот, тој е стратешки исклучително важен. Да го имаше овој гасовод, немаше да имаме проблеми со снабдувањето.“

Шансите за изградба на „Набуко“ растат

Планираниот гасовод треба да ја снабдува Европа, заобиколувајќи ги Русија и Украина. Унгарската влада се залага за проектот, по спорот со гасот, шансите за негово реализирање се подобри. Дури и оние кои долго и‘ беа верни на Русија, сега го менуваат ставот, како бугарскиот министер за економија Петар Димитров, чија земја беше особено погодена од кризата со гасот:

„Ситуацијата сега е смирена, но економијата доживеа удар. Затоа сме огорчени од она што ни го направија Русија и Украина“.

Во иднина, гас треба да доаѓа од Азербејџан преку нова мрежа кон Европа, преку Турција, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија. Шефот на проектот Рајнхард Мишек е убеден дека условите за изградба се многу поволнии дека во 2013 година ќе стигне гас во Европа од новиот гасовод.

Reinhard Mitschek Direktor des Pipeline-Projekts Nabucco
Рајнхард Мишек, директор на проектот „Набуко“Фотографија: OMV

Многу отворени прашања

Министерката за надворешни работи на ЕУ Бенита Фереро Валднер веќе спроведува кампања во земјите од кои Европа треба да добие гас. Но, проблемите се големи. Се‘ уште нема јасно „да“ од Азербејџан, Таџикистан е незадоволен од планираната траса на гасоводот. Турција ја подвлекува својата важна улога како транзитна земја и согласноста индиректно ја поврзува со напредок во преговорите за членство во ЕУ. Разговорите се политички деликатни, но без алтернатива, предупредува Јанош Кока, шеф на унгарската Комисија за „Набуко“ во парламентот.

„Енергетското снабдување на Унгарија и Европа да се потпира на повеќе столбови, тоа не е само енергетско-политички предизвик, туку и еден од најважните безбедносно-политички проекти на ЕУ.

Од каде ќе доаѓа гасот, се‘ уште е нејасно. Енергетските концерни сакаат да го вклучат и Иран, кој ги има вторите по големина светски резерви. Но, тоа е политички проблематично, неговите претставници не се поканети на средбата во Будимпешта. Постојат и финансиски проблеми: новиот гасовод би чинел околу 8 милијарди евра. Во Будимпешта треба да биде изработен финансиски концепт, а потоа може да почне изградбата, по што ќе требаат неколку години за гасот од каспискиот регион да стигне до Европа.