1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Походот на Орбан против „Соросовите платеници“

Кено Верзек
31 август 2018

Унгарската влада со сѐ построги закони и сомнителни практики постапува против невладините организации. Кено Ферзек разговараше со погодените организации.

https://p.dw.com/p/32Qym
Deutschland | Soros' Open Society Institut zieht an den Potsdamer Platz in Berlin
Фотографија: DW/F. Hofmann

Во улицата Молнар број 19, во Будимпешта деновиве тивко завршува една ера. Досега фондацијата Отворено општество на американскиот милијардер милијардер Џорџ Сорос тука имаше свое европско седиште. Сега, во просториите на оваа канцелариска зграда се пакуваат папки со податоци и се исклучуваат компјутерите од струја. Во тек е иселување. Вработените во разговорот се трудат да говорат со трезвен тон. Но, секој е свесен дека оваа преселба укажува на промена на епохи.

До 31 август, Фондацијата Отворено општество ќе го премести своето седиште во Берлин. Причина е „репресивната политичка и правна клима во Унгарија". Така во Будимпешта завршува она што започна токму таму пред три и пол децении: американскиот берзански милијардер Џорџ Сорос во унгарскиот главен град од 1984 година ја поддржуваше антикомунистичката опозиција, а потоа по падот на комунизмот во 1989 година оттаму финансиски ги помагаше активностите на граѓанското општество во целокупниот регион на Централна и Југоисточна Европа. „Важно е да се нагласи дека ние иако физички ќе бидеме во Берлин,  нема да биде укината поддршката за регионот", вели долгогодишниот соработник  на фондацијата Отворено општество, Петер Низак. „Но, точно е, поглавјето навистина завршува".

Криминализирање на НВО, кои наводно потпомагаат „илегална миграција“

Преселбата на фондацијата во Берлин е одраз на притисокот врз организациите на граѓанското општество во Унгарија, како и во други места во регионот. Тие се еден од последните и најважните столбови на независната држава и контролата на власта - и со тоа значајна пречка за лидери како Виктор Орбан, чија реконструкција на државата има авторитарни особини и е поврзана со корупција и нетранспарентност.

Berlin Eröffnung Europäische Roma Institut für Kunst und Kultur
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Повеќе:

-Фондацијата Сорос се сели во Берлин

-Листа „платеници на Сорос“: Почнува одмаздата на Орбан

-Шокантна анти-Сорос кампања во Унгарија

На крајот на јуни унгарскиот премиер преку парламентот усвои пакет на законски и уставни амандмани, која го носи името „Стоп Сорос" и кој нуди можности за криминализација на организациите на граѓанското општество ако тие „охрабруваат илегална миграција“. Во исто време воведени се ограничувања на правото на азил, и слободата на обирање. Пред десетина дена, унгарскиот парламент го усвои т.н. „специјален данок за соделување“- 25 проценти казнен данок за сите приходи на невладини организации, доколку тие „поттикнуваат нелегална миграција".

Ова се само најновите мерки преземени од владата на Орбан против организациите на граѓанското општество. Уште пред четири години, во јули 2014 година, Виктор Орбан најави остри мерки против цивилните активисти во неговиот прочуен говор за изградба на илиберална држава во Унгарија. Во исто време, унгарските власти со месеци ги малтретираа цивилните организации за наводни даночни прекршоци. Во септември 2014 година, ова кулминираше со спектакуларна полициска рација против организацијата Окотарс и апсењето на нејзината раководителка Вероника Мора. Од 2017 година, невладините организации во Унгарија, кои добиваат повеќе од 23.000 евра годишно од странски донатори, треба да се декларираат како „финансирани од странство“.

Психолошки притисок и листи со „Соросови платеници“ во весниците

Паралелно со ваквите законски мерки, организациите на граѓанското општество сѐ повеќе се под психолошки притисок: пред парламентарните избори на почетокот на април, владиниот весник „Маѓар Идок“ објави наводни истражувачки извештаи дека „активисти на Сорос" во Унгарија сакале да предизвикаат антидржавни безредија. По изборите, провладиниот весник Фиѓело наброја 200 „платеници на Сорос", вклучувајќи го целиот персонал на неколку невладини организации. Веќе неколку недели младите активисти на владејачката партија Фидес се собраа пред канцелариите на организациите како што се Амнести интернешнал и унгарскиот Хелсиншки комитет, и  на нивните влезни врати лепеа црвени етикети со предупредување: „Организација за поддршка на имиграцијата".

Ungarn Proteste gegen "Stop-Soros"-Gesetze
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Mohai

Во какви апсурдни ситуации запаѓаат граѓанските организации во Унгарија покажува примерот на фондацијата „Со моќта на човештвото“ во јужниот унгарски град Печ. Таа спроведува проекти за обесправените лица во регионот, вклучувајќи го и едукативниот центар за деца од социјално загрозени семејства. Бидејќи клубот е финансиски поддржан од фондацијата Институт отворено општество, унгарската влада минатата година започна медиумска кампања во која се тврдеше дека Сорос, со помош на фондацијатаод Печ, сака да се населат мигранти во јужниот дел на Унгарија и да го исламизираат регионот. Советот на градот Печ усвои резолуција во која се вели: „Ние ги повикуваме сите  граѓани, претпријатија и организации да не му даваат на располагање простор на центарот за кампања на Сорос“. Како резултат на тоа, фондацијата, која бараше нов канцелариски простор,  доби прекин на договорот за закуп кој веќе беше потпишан.

Иако Фондацијата конечно пред неколку недели конечно најде нови канцеларии, сепак Золтан Местер, портпарол на фондацијата и натаму зборува за алармантна промена во расположението во последните неколку месеци. Луѓето се плашат да донираат на фондацијата, а јавните училишта имаат неофицијална забрана за поканување на фондацијата на настани. „Имам впечаток“, вели Местер, „дека треба да бидеме полека сварени“.