1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина академик Гане Тодоровски

Zana Aceska23 мај 2010

Во Скопје синоќа на 81 година почина академик Гане Тодоровски, соопштија денеска (23.05.2010) МАНУ, Друштвото на писателите на Македонија и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

https://p.dw.com/p/NVK0
Kомеморативната седница ќе се одржи во МАНУ на 26 мајФотографија: Petr Stojanovski

Академик Гане Тодоровски е роден во Скопје, на 11 мај 1929 година. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што бил дологодишен професор.

Тодоровски беше првиот амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација. За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1997 година и беше член на ДПМ. 

Тој е автор на импозантно литературно дело во две магистрални насоки: автентично литературно писмо, кое се остварува во доменот на поезијата и во областа на историјата на книжевноста, критиката и есеистиката. Академик Тодоровски е автор на 12 книги поезија, кои секогаш значеле настан во мигот на појавувањето и, истовремено, оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература.

Академик Гане Тодоровски е истакнат преведувач на модерната светска поезија на македонски јазик.

Еден дел од активностите на поетот и литературниот критичар и есеист Тодоровски е сврзан и со историјата. Академик Тодоровски беше пасиониран истражувач на македонскиот 19 век, книжевно-историска област кон која тој целиот свој творечки век беше доследно приврзан. Тој ги толкува делата на нашите претходници не само како документи и сведоштва за минатото, туку и како активни фактори и моделатори на нашиот современ литературен израз и на состојбата на нашата современа национална свест.

Постигнатите научни резултати во областа на македонистиката го вбројуваат академик Гане Тодоровски помеѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови, како во Европа така и во светот.

Академик Тодоровски е добитник на повеќе признанија и награди: „11 Октомври“, „23 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“ - Струшки вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ - ДПМ, „Димитар Митрев“ - ДПМ, „Кирил Пејчинович“ за преведувачки опус, Книжевно жезло и на голем број пофалници во земјава и во странство.         

Заедничката комеморативна седница ќе се одржи во МАНУ на 26 мај.

Автор: ЖА/БГ/миа

Редактор: Борис Георгиевски