1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина италијанскиот велосипедист Марко Пантани

16 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AeoA
Спортскиот свет на викендов го потресе една лична трагедија. Славниот италијански велосипедист, Марко Пантани, лесно препознатлив по избричената глава и пиратската марама, во саботата вечер беше пронајден мртов во една хотелска соба во градот Римини. Лекарите потврдија дека причината за смртта е откажување на срцето, а јавниот обвинител не сакаше да ги потврди информациите дека станува збор за самоубиство, се' додека не стигнат резултатите од денешната аутопсија. 34-годишниот професионален велосипедист, кој во 1998. година победи пред Јан Улрих на "Тур д' Франс", а истата година триумфираше и на "Џиро д' Италија" веќе подолго време страдаше од тешка депресија. Тој минатата година дури побара и лекарска помош и беше на лекување во една клиника во јуни. Во меѓувреме виткиот "пират", кој остана во сеќавањето на светската јавност по непресметливиот напаѓачки дух на најтешките успони во трките, се здебели за цели 25 килограми, потполно се изолира од неговото семејство и жевееше многу осамено. Италијанскиот печат тврди дека страдал и од голема зависност од дрога и дека планирал кон крајот на овој месец поради тоа да замине во еден манастир во Боливија, со кој раководи еден италијански свештеник и кој е познат по излекувањето од зависности. Но, сега е за тоа предоцна! Италијанскиот специјализиран весник "Ла газета дело спорт", вчера осамна со насловна страница "Светот плаче". "Тоа беше голем шок за мене, не знам што да кажам" - изјави германскиот велосипедист Јан Улрих, кој токму деновиве се наоѓа на подготвки во италијанска Тоскана. "За велосипедизмот ова е голема трагедија" - нагласи понарешниот светски првак Марио Чиполини, кој меѓутоа никогаш не ги достигна истите висини на славата како Пантани. А главниот актер на допинг скандалот во 1998. година, Французинот Ришар Виренк, го обвини печатот и италијанското правосудство за трагичниот крај на Пантани. А светската легенда на велосипедизмот Еди Меркс, оцени: "Тој секако правеше грешки, но на крајот стана жртва на италијанското правосудство кое не го пушташе повеќе на мира. Тоа и го уништи чувствителниот Пантани!" Францускиот весник "Франс соар" ваквите критики на колегите на Марко Пантани ги проследува со следниот коментар: "Одвратно е што сите великани на велосипедизмот вчера јадикуваа по Пантани и наводно тагуваа по него, а ниту еден не собра храброст искрено да каже каде се крие зајакот. Допингот спаѓа во секојдневието на професионалниот велосипедизам и врвниот спорт воопшто. Уште колку жртви ќе бидат неопходни пред да се прекине овој масакр?" - се прашува "Франс соар". Смртта на Патани е всушност трета по ред од сличен вид. Во саботата од престанок на работата на срцето почина и младиот белгиски надежен велосипедист Јохан Сермон. Мајка му го нашла изутрина 21-годишниот Сермон без знаци на живот во креветот. Лани слично заврши и шпанскиот професионалец Хозе Марија Хименез, чие срце исто откажа, а претходно и тој страдаше од силна депресија, како и Пантани.